Македонија
Мицкоски: Владата на СДСМ-ДУИ нѐ донесе во ситуација да зборуваме дали ќе имаме леб

Тоа е ад-хок решение кое што практично е од денеска за утре, тоа не е решение на долг рок кое што може да обезбеди цена која што е прифатлива за граѓаните. Инаку, сите ние треба да се обединиме и да помогнеме, граѓаните овие основни производи да ги добијат по најниска можна цена, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Мицкоски ова го истакна, запрашан од новинарите дали владината одлука за замрзнување на цените на производите е економски потег, при што додаде дека за да се овозможат услови за граѓаните основните производи да ги набавуваат по најниски цени, владата ќе мора да ги поддржи производителите на тие производи.
Додаде дека нема мерки од страна на владата за намалување на инфлацијата која руши рекорди, нема ниту некаква економска политика и дека владата на СДСМ и ДУИ Македонија ја доведе во состојба да зборува за тоа дали македонските граѓани ќе имаат леб за да се прехранат, наместо да се зборува за инвестиции во напредни технологии.
„Владата треба да ги поддржи сите оние кои што го произведуваат овој основен производ за да можат граѓаните да платат најниска цена. Ние денеска, за жал, рушиме рекорди по инфлација, двојно поголема од онаа што ја има во Европската унија, немаме никаква економска политика, прават гол ПИ-АР сликајќи се по маркети со две векни леб во раката премиерот и останатите министри наместо да го решаваат проблемот. Едно дно, сеопшто дно, едно општествено дно во која што ја втурнаа Македонија. И денеска ние во 21 век, наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, да зборуваме за тоа како ќе инвестираме во напредни технологии, ние зборуваме дали ќе имаме леб. Ете, до таму не дотера оваа Влада на СДСМ и ДУИ“, истакна Мицкоски.
Во однос на обвинувањата дека ВМРО-ДПМНЕ е против ниската цена на лебот, Мицкоски посочи дека тоа е лага и дека такво нешто и таква изјава не постои, туку напротив, ВМРО-ДПМНЕ е партија која што се залага за намалување на сите трошоци на македонските граѓани, особено намалување на трошоците за основните прехранбени производи и за таа цел, тој прв предложи намалување или укинување на ДДВ-то за овие производи.
„Таква изјава не постои. Јас би сакал ако можеме ние како држава во овие тешки моменти, комплетно да можеме основните артикли да ги сведеме на минимум цената за чинење и трошоците на граѓаните. А впрочем, јас бев првиот кој што зборуваше за намалување на ДДВ-то или укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи. Така што, не ме чуди, оваа Влада е склона само на две работи, а тоа се крадење и лажење. Така што, они ќе си продолжат да крадат и да лажат уште неколку месеци од денес, а потоа треба и да одговараат за тоа“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Битиќи: Ја добивме битката, концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, падна на арбитража

Концесијата дадена од ВМРО-ДПМНЕ, симбол на криминал и коруптивни зделки, падна на арбитража. Државата ја доби битката, нема да плати штета од 115 милиони евра, реагира пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи и поранешен вицепремиер.
„Да се потсетиме: Случајот односно судските рочишта се затворени во 2023 година. Арбитражниот суд носи конечна пресуда во рок од две (2) години по завршните зборови. Тимот што ги застапуваше правата на нашата држава во целиот тој процес се водеше со јасни определби и насоки од страна на мојот кабинет во претходната Влада“, наведува Битиќи.
И затоа, додаде тој, искрена благодарност до White & Case, нашите главни застапници во арбитражата, државните службеници и експерти кои вложија знаење и енергија, како и до локалните адвокатски друштва за нивната посветеност и професионалност.
„Благодарност до сите што ги застапуваa интересите на државата. Вака се почитува татковината, со искрен настап и без калкулации – а за оние кои имаа други интереси, иднината ќе покаже“, стои во објавата на Битиќи.
Македонија
Поради пожарот кај Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити: 65 милиони евра за Универзитетскиот кампус и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег во Скопје

Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити.
Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје. Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти. Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност. Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење. Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!“, напиша Меџити.