Македонија
Мицкоски: Власта да каже кога конечно ќе пристигнат вакцините за Ковид-19
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната посета на пазарџиите беше прашан за негов став во однос на задоцнетото пристигање на вакцини за Ковид-19.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека дава целосна поддршка за набавка на вакцините.
„Дај боже денеска да имаме вакцини. Еве, јас поддржувам и идната недела да имаме вакцини и ќе поддржам кога било, само нека ги донесат тие вакцини. Нека почне оној којшто сака да се вакцинира, да се вакцинира. Се срамам што сме последни, што сите држави во Европа буквално почнаа. Што еден Авганистан има половина милион дози добиено, а ние како држава уште коленичиме, се молиме, на лево, на десно, да добиеме 10,20,50.000 или 2.000 дози“, истакна Мицкоски.
Мицкоски рече дека го охрабрува министерот за здравство, и целата власт да излезат и јавно да ја кажат вистината на јавноста, кога конечно ќе пристигнат вакцините за Ковид-19 во државата.
„Што треба ние како ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција да направиме, ќе направиме, да им помогнеме во таа намера, бидејќи гледаме дека се тотално неспособни. А, за скандалите во здравството, само да дополнам, ќе бидете сведоци во периодот што следи, ќе видите дека на се се фокусирани, само не се фокусирани на обезбедување вакцини и борба против оваа пандемија, којашто, за жал, ни се случи“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација

