Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ се буди и заспива со мислата за Македонија, СДСМ само кога има избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека победата на претседателските избори е прв чекор, по кој ќе следи победа на парламентарните избори, а потоа следува третиот чекор, а тоа е нова влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.
„Од тогаш треба крваво, деноноќно, макотрпно да работиме да државата си ја кренеме од овој пепел којшто ќе ја наследиме, а кој ни го донесоа Зоран Заев и СДСМ“, рече Мицкоки од Македонски Брод.
Тој посочи дека СДСМ мисли на народот и на татковината само од избори до избори, додека ВМРО-ДПМНЕ мисли и заспива со последната мисла за Македонија и се буди со првата мисла за Македонија секој божји ден.
„Вие би да чекорите како што ви е овој украден слоган во претседателската кампања, со полни вреќи пари, а ние сакаме да одиме напред со достоинствена и честита држава Република Македонија. Вие би сакале да чекорите напред богати, а ние сакаме да чекориме напред со богати граѓани и богата држава. Вие имате проблем со самите себе господа од врхушката на СДСМ, а ние заедно со народот имаме проблем со вас. Тој проблем ќе го решиме заедно со народот на 21 април, а потоа и на 5 мај“, порача Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека на овие претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ го предложи најдобриот и најквалитетен кандидат, а на следните парламентрани избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со најобемната како никогаш досега квалитетна изборна програма која ќе се темели на три столба. Првиот столб ќе биде решение за поквалитетен живот на нашите сограѓани. Вториот столб ќе биде економија, земјоделието, образованието, здравството, владеење на правото, стоп и немилосрдна битка против организираниот криминал, мито и корупција. И трето ќе биде како да се вратиме македонизмот помеѓу граѓаните во Република Македонија.
Тој порача заеднички да си ја сакаме татковината бидејќи тука сме се родиле, тука сме ги формирале нашите семејства и тука ќе продолжиме да живееме, тука ќе продлжиме да старееме и најверојатно тука и ќе ги завршиме нашите животи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.