Македонија
Мицкоски: На вториот повик до сега аплицирале 34 општини со 179 проекти

„Првиот повик е завршен, вториот повик е во тек, проектите во вредност од 6 милијарди денари веќе до општините се пренесени по различни програми, дел од општините ги завршија тендерските постапки и почнуваат со реализација на тие проекти“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата одговарајќи на денешната седница за пратенички прашања.
Мицкоски вели дека не може во 21 век да се зборува за вештачка интелигенција, а граѓаните да немаат пристојни услови за живот.
„Огромен е интересот на граѓаните и буквално има состојба каде што излегуваат од куќите да се заблагодарат, бидејќи ниту имале канализација, ниту имале асфалт, дел од нив ниту вода имале. Сега добиваат основни услови за живот. Тоа е она кое што секоја Влада и локална самоуправа треба да го обезбеди, луѓето да имаат основни услови за живот“, дециден е тој.
„Не може во 21 век ние да зборуваме за вештачка интелигенција, за напредна технологија, а дома имаме примери каде што луѓето газат кал, при првиот дожд се поплавени дома и немаат вода за пиење“, рече премиерот.
Мицкоски додаде дека овој проект бил потребен и според информациите кои што ги има, до сега во вториот повик имаат аплицирано 34 општини или вкупно 179 проекти.
„Ова беше потребно, да инвестираме во капитални проекти за да ги подобриме условите за живот на нашите сограѓани. Заклучно вчерашниот ден имаме 34 општини кои што поднеле предлог проекти за финансирање кои ќе бидат дел од вториот повик, таа бројка беше 179 проекти“, истакна Мицкоски и додаде:
„Со овие 15 милијарди денари кои се обезбедени на различни потпрограми во буџетот на различни министерства, ние доаѓаме до 21 милијарда денари само од овој проект, плус дополнителни програми кои си ги имаат министерствата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството, вели Филипче

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во изјава за медиуми, посочи дека единствени кои што се разочарани и незадоволни од неспроведувањето на реформите во правосудството, се само граѓаните.
Филипче нагласи дека премиерот Мицкоски e директно одговорен за состојбата во судството и неспороведувањето на потребните реформи.
„Сметам дека е апсолутно недозволиво премиерот да се однесува како независен аналитичар и да ги коментира само состојбите во правосудството, кога тој е директно одговорен за спроведување на реформите. Досега не се спроведени ниту една од предвидените реформи, преку носење на реформски закони во правосудството согласно Планот за раст, рече Филипче.
За оваа година беа предвидени 12 закони од коишто седум требаше да се донесат до јуни 2025 година, укажа тој.
„Во Собранието не е поднесен ниту еден, и дополнителни 5 кои од јуни до декември 2025 година требаше да се донесат согласно Планот за раст – нешто за што е врзан одреден буџет од Европската Унија, којшто секако веќе еден дел сме изгубиле. Од тие 5 закони од Министерството за правда не е донесен ниту еден“, рече Филипче.
Како што кажа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има огромно мнозинство во Собранието, 58 пратеници ВМРО-ДПМНЕ скоро двотретинско мнозинство со владејачката коалиција, поради што нема ниту една причина за тоа што сега се случува со неспроведување на реформите во правосудниот систем.
Македонија
Утре сончево и топло со мала до умерена облачност и температури до 33 степени

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 28 до 33 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Во четврток попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи.
Од петок под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни. Дневната температура значително ќе опадне, особено во деновите од викендот и почетокот на следната седмица.
Македонија
Влада: Усвоена информација за склучување на договор за соработка помеѓу Железници инфраструктура и Јавното тело на Министерството за транспорт на Обединетото Кралство

Владата на денешната 114 редовна седница ја разгледа и усвои информацијата за склучување на договор за соработка помеѓу Јавното претпријатие за железничка инфраструктура- Скопје и Јавното тело на Министерството за транспорт на Владата на Обединетото Кралство Кросрејл Интернешнал Лимитед (Crossrail International Limited (CI)).
Со овој Договор за соработка се воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура- Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк. Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години. Овој Договор произлегува од досега воспоставената соработка помеѓу македонската Влада и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во врска со партнерството за реализација на приоритетни инфраструктурни проекти.
Дополнително, Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за потребата од субвенционирање на филтри на оџаци на домаќинствата и ја задолжи Канцеларијата на Претседателот на Владата во следниот период да подготви детална анализа која ќе ги предвиди условите, времетраењето и процедурата за објавување на оглас за субвенции на филтри за оџаци на домаќинствата кои користат греење со фосилни горива односно дрва.