Македонија
Мицкоски: Во понеделник ќе поднесеме претставка до Уставен суд за ставање вон сила на законот за патни исправи

„Последните информации кои што ги добивам, а еве го повикувам и МВР и надлежните да се произнесат и дека се издадени милион и 200 илјади патни исправи до овој момент. И остануваат некаде околу милион и 300 илјади бидејќи вкупно се изддадени 2.5 милиони патни исправи кои што треба да се заменат. Од тие милион и 300 илјади кои што се преостанати само за сликање ако се земе во предвид дека дневно има 4.000 барања се потребни од прилика најмалку година дена. Така што е невозможно тоа да се стигне во февруари“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Вевчани.
Мицкоски додаде дека дури и информациите велат дека има околу 30.000 обрасци во моментот во МВР за издавање на патни исправи, десет илјади двојазични на албански јазик. Што значи дека тоа е само доволно да се покрие она кое што досега како барање е пристигнато во МВР.
„Нова набавка знаете дека нема, таа ќе стигне некаде во март месец. Така што стојам на тоа што го кажав пред некој ден дека се потребни години за да биде завршен овој процес. Никако тоа не може да се заврши до февруари оваа година односно за неколку недели од денес“, заклучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека во понеделник ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поднесе претставката пред Уставниот суд.
„Во понеделник ќе поднесеме претставка пред Уставниот суд за ставање вон сила на законот и на тој начин да ја растеретиме. Доколку Уставниот суд сака да ја реши работата може веднаш да свика седница и да разговара по претставката која што ќе ја поднесеме и да ја стави вон сила законската уредба. Но, тоа е сепак одлука на Уставниот суд, не би сакал да се мешам во работата на Уставниот суд, ако сака да помогне на граѓаните има начин како може да се помогне“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.