Македонија
Мицкоски: Денот на ромскиот јазик е и потсетник дека мораме да го зачуваме, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива

Денес, се собравме заедно за да одбележиме еден важен ден за ромската заедница – Денот на ромскиот јазик, кој секоја година се прославува на 5 ноември. Овој ден претставува можност да се потсетиме на значењето на ромскиот јазик, како и на богатата култура и историја на ромскиот народ, кои се суштински дел од нашето општество.
Ромскиот јазик е многу повеќе од само средство за комуникација. Тој е симбол на идентификација, на култура и на единство на ромската заедница од целиот свет. Преку него се пренесуваат приказни, обичаи, песни и танци, кои се одржуваат од генерација на генерација. Јазикот е она што ја врзува една заедница, што ѝ дава чувство на припадност и ја одржува нејзината автентичност, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод денот на ромскиот јазик.
Нагласи дека во последните неколку децении се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и култура.
„Сепак, се соочуваме со многу предизвици бидејќи овој јазик и понатаму е под закана од губење поради асимилацијата и недостигот на системска поддршка. Затоа, важно е да се потрудиме да ги охрабриме младите Роми да го зборуваат, учат и користат ромскиот јазик во својот секојдневен живот. Образованието е од клучно значење. Но, за жал, постојат предизвици што спречуваат многу млади да ја добијат оваа шанса. Некои од нив се економските бариери, недостигот на ресурси и нееднакви можности. Овие предизвици мора да ги надминеме заедно. Наша задача е да изградиме систем што ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите. Токму затоа инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Со вложување во образованието ние вложуваме во градење генерации што ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на иднината. Младите кои ќе создаваат иновации, ќе промовираат позитивни промени, практично градат посилно и поодговорно општество“, нагласи Мицкоски.
Според Мицкоски, треба да се потсетиме и на потребата од заедничка работа за поголема инклузија и поддршка на ромската заедница.
Сите ние, додаде тој, без разлика на етничката, религиозната или културната припадност, сме дел од една голема заедница – заедницата на човештвото. Оцени дека само заедно, со меѓусебно почитување и разбирање, можеме да создадеме свет во кој секој јазик, култура и секоја приказна ќе имаат еднакво значење и ќе бидат слушнати и почитувани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.