Македонија
Мицкоски: Динамиката за изградба на инфраструктурни проекти е исклучително добра и очекувам уште многу убави вести за граѓаните
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како тече изградбата на ветените патишта низ државата, изјави:
„Изградбата, ако се спореди со тоа како напредува сега и каква беше во истиот период, да речеме пред една или две години, можам да кажам дека разликата е десеткратно подобрена, во насока на динамиката.
Сведоци бевте на почетокот на годината дека се пуштија во употреба неколку експресни делници, меѓу кои и делницата Чатал-Длабочица-Крива Паланка, односно Страцин-Крива Паланка. Исто така делницата од Градско до Дреново практично сега треба да биде комплетирана. Да се продолжи и понатаму со реализација на овие проекти.
Понатаму со несмалена динамика се реализираат и коридорите 8 и Коридорот 10Д, тоа што беше заглавено со години сега се одглавува, веќе фронтот е отворен. Очекувам дека до крајот на следниот месец експропријацијата, имотно-правните односи ќе бидат разрешени, со што се отвара фронт за градежните компании.
Истовремено се бара решение за делницата Требениште-Ќафасан, бидејќи знаете дел од таа делница е во периметар заштитен со УНЕСКО, се разговара со компанијата изведувач. Истовремено со не смалена динамика се работи на делницата од Кичево до Охрид. Очекуваме од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, да биде, исто така пуштена.
Првата секција од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце е пуштена, се работи на делот од Бељаковце до Крива Паланка. Се разговара со источниот сосед, со Бугарија на високо ниво околу третата секција и делот којшто припаѓа во Бугарија“, истакна Мицкоски и додаде:
„Бидејќи кажав и вчера, ќе повторам, Коридорот 8 подразбира поврзување на Драч и Бургас. Коридорот 8 не подразбира поврзување на Куманово и Крива Паланка. Затоа сакаме да знаеме јасно какви се плановите на нашите соседи. Ние нашето си го завршуваме, граѓаните ги плаќаат кредитите што ние ги земаме како држава и градиме. Сакаме да видиме што ќе се случува во Бугарија и во Албанија, тоа е практично Коридорот 8. Така што ценам дека динамиката е исклучително добра и очекувам во периодот којшто следи уште многу убави вести за македонските граѓани.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Амар Мециновиќ: Сега сме веќе движење – вие кои ги знаете пораките и целите, пренесете им на вашите најблиски за заедно да славиме победа
„Сите вие кои ја следите и ја поддржувате оваа кампања, да почнете да агитирате помеѓу вашите најблиски. Многу луѓе не ја знаат уште приказната за ова нашe движење. Затоа, вие кои ги знаете пораките и целите на сè ова, разговарајте со вашите најблиски, со Вашите пријатели, родители, баби и дедовци, за да ја прошириме пораката и заедно да славиме победа“, ваков апел преку видео – порака упатува кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ.
„Имаме идеја како сите да ве инволвираме во кампањата. Ова е повик за колективна акција. Следниот петок пред предизборниот молк, го пешачиме Скопје, затоа што сега сме веќе движење и во овој дел од кампањата ќе бидете инволвирани сите вие“, повикува Мециновиќ.
Тој додава дека заедно со неговиот тим и со сите луѓе кои се приклучија кон ова движење, ги пренесуваат пораките, буквално, до секој скопјанец. Веруваат дека, конечно, под водство на Амар, ќе се случат промени за поквалитетен живот на сите генерации – скопјани со достоинствени услови за живот на секој жител на Град Скопје.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Ѓорче Петров
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 14.30 часот, корисниците на обејкт на Меркур Македонија. (општина Гази Баба)
· во периодот од 09.00 до 14.30 часот, корисниците на дел од улицата Радушка (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса следува период на суво и стабилно време. Утринската температура ќе се спушти под нулата, а во одредени котлини ќе има услови за појава на магла.

