Македонија
Мицкоски: Многу бргу ќе слушате што сè е правено со безбедносните служби и ќе се срамите

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцираше дека за многу скоро време македонската јавност ќе слушне што се правело со безбедносните служби, а СДСМ ќе се срамат и ќе треба да се извинат.
„Ве носат во длабоко тие кои ви ги даваат прашањата многу скоро од денеска ќе се срамат, јавноста ќе знае. Се сеќавате на оној проект „вистината за Македонија“, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда, но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи. Затоа се плашите вие“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Митко Трајчулевски.
Премиерот Мицкоски посочи дека ја следи дебатата на остатоците на удбашки и болшевистички структури кои до ден денеска за жал се присутни во кодошките безбедносни структури и посочи дека затоа се плашат од спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
Во однос на именувањата на кадри по институции, премиерот Мицкоски потсети дека пред да биде променет законот во Собрание, со кој двете второстепени комисии за управна постапка и инспекциски надзор позицијата претседател на таа комисија беше претседателка на општинската организација на СДСМ во Велес.
„Дали требаше да ја оставиме, Даница Чадиева, тоа е професионалната администрација која вие ја замислувате, така нема да работиме. Во Агенцијата за електронски комуникации член беше претседател на општинската организација на СДСМ во Карпош, дали требаше да го оставиме без никакви квалификации и стручност? Ако мислите дека тоа е професионален однос не се согласувам и грешите. Сите овие институции резултираа со отприлика помалку 50 функционерски места. Сите овие институции кои ги споменувате ги бира Собранието, најголем дел од нив. Да потсетам во 2018 година како беа бирани членовите во Регулаторна комисија за енергетика, на најбрутален начин со закани најпрвин во канцеларијата каде што работам јас, а потоа и во Собранието. Претседател на Регулаторна е Марко Бислимоски предлог на СДСМ, јавен обвинител е Коцевски вие го биравте“, додаде премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека токму затоа денеска обвинителите кога треба да се справуваме со криминалот и корупцијата од минатото се или со повишена температура или имаат дијареја или имаат несоница и патат од анксиозност и не ги потпишуваат налозите.
„Тоа се ваши кадри и ако тоа според вас е професионализација, начинот на кој треба да работиме, не се согласувам. Ние ги менуваме работите, да видат граѓаните дека можело и поинаку и објаснив и зошто Шекеринска ја поддржавме и лобиравме за да биде претставена Македонија со свој заменик генерален секретар во НАТО, земете пример. Поставувате прашање кое нема логика, особено во институција којашто до вечера ваш претседател на општинска организација ја обавуваше. Јас не слушнав дека вие го оспоривте Орце Симов со неговата стручност, ни овде, ниту во една од стопанските комори каде е потпретседател. Човекот е универзитетски професор, доктор по информациски технологии, а исто и Ангелка дипломирала надвор од Македонија, стручна е, не кажавте дека не ги исполнуваат условите. Поддржете еднаш нешто што е нормално и различно“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.