Македонија
Мицкоски: Избори на 5 или 8 јули не доаѓаат предвид

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека неговата партија нема да учествува на изборите, доколку тие се одржат на 5 или 8 јули.
Тој бара избори во средината на јули или тогаш кога ќе дојде мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, од каде, како што тврди Мицкоски, кажале дека можат да пратат оценувачка мисија, но не и набљудувачка мисија. Мицкоски е дециден, велејќи: „Избори на 5 и 8 јули не доаѓа во предвид“.
„Ќе имаме избори кога ќе имаме јасни протоколи за заштита на здравјето на нашите сограѓани. Ако сака да оди на избори, нека оди. Јас нема да поддржам и да го легитимирам тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да биде дел од тие избори ниту на 5 ниту на 8 јули. На состанокот кај Пендаровски се слушаше само 8 јули“, посочи Мицкоски.
Тој не сакаше да сподели што се зборувал кај претседателот Пендаровски каде беше со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Мицкоски најави дека утре ВМРО-ДПМНЕ ќе има состанок на Централниот комитет, по што, додаде „До крајот на денот власта да се вразуми, избори на 5 или 8 не прифаќаме“.
„Ние имаме два услова, јасни протоколи за здравјето на граѓаните, а втор е мисијата на ОБСЕ/ОДИХР да биде присутна на изборите. Тоа што го соопшти денес ОБСЕ/ОДИХР е невозможно да се случи. Доколку ОБСЕ/ОДИХР ја воспостави мисијата денеска, тогаш кампањата може да почне утре. Од она што можам да го видам е дека ОБСЕ/ОДИХР нема да праќа набљудувачка мисија, туку оценувачка мисија. Тоа е степен подолу од набљудувачката мисија. Според ОБСЕ/ОДИХР тоа ќе бидат седуммина. А најрано можат да дојдат на 17 јуни, а не порано од 22 јуни, што значи дека ако одлучи Зоран Заев и СДСМ да води избори на 5 и 8 јули ќе започнат без мисија на ОБСЕ/ОДИХР што е надвор од вредностите на Европската Унија“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.