Македонија
Мицкоски: Имаме коалиција која ќе ги испрати во пензија криминалните политичари

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска по потпишувањето на договорот за коалицијата Обнова на Македонија ги промовираше нејзините цели и принципи.
Тој, за коалицијата која ќе настапи на претстојните парламентарни избори, кажа дека ќе ја формира идната влада.
„Мора да се издигнеме над сивилото кое ни ја дава денешната слика за политиката и политичарите во Македонија, ние мора да наметнуваме нови вредности, нови принципи и нов начин на делување. Народот е презаситен од секојдневни партиски пресметки, преписки, во докажувања кој е полош, во говорења за проблеми без решенија и во наметнување на тезата дека сите се исти“, нагласи Мицкоски.
Како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема намера со зборови да кажува колку како коалиција се различни од власта и СДСМ, туку со дела ќе ја направат разликата, а од тоа најголема корист ќе имаат граѓаните.
„Повеќе за работниците, повеќе за невработените, повеќе за бизнисот, за младите, пензионерите, земјоделците, повеќе за социјално ранливите категории на граѓани. Ова е коалиција која ќе ја има најтешката задача досега во овие 29 години независност да ја обнови секоја разурната клетка во општеството чија криминализираност расте“, кажа Мицкоски.
Потоа тој се задржа на некои од проектите кои ги планира Обнова на Македонија.
„Потребна е економија. Економијата значи зголемени плати за 25 проценти повеќе, пониски даноци, рамен данок од 8%, капитални инвестиции кои ќе бидат секоја година најмалку 90% реализирани од тоа што било испланирано, зголемени пензии за 20 отсто.
Нам ни треба обнова која ќе обезбеди 20% повисока плата за вработените во здравството, достоинство за универзитетскиот кадар и 100 илјади денари плата за редовните професори, почитување на колективниот договор за повисоки плати во основното и средното образование.
Македонија мора конечно да се гасифицира што ќе значи гас до секој дом и бесплатен приклучок за гас на секое семејство, енергетска обнова на домовите за што државата ќе покрие 50% од трошоците и исто толку ќе инвестира во купување сончеви колектори.
Здравството ќе го кренеме на вистинското потребно ниво и ќе изградиме мрежа од 4 клинички центри во земјава и ќе обезбедиме нулта толеранција кон корупцијата. Здравство насочено кон граѓанинот, а не кон приватните бизнис-интереси“, нагласи претседателот на партијата.
Посочи и дека цел на коалицијата е да ја предводи обновата која мора да ги реконструира сите регионални патишта во државава или најмалку 1.000 километри патишта со нов асфалт.
„Ќе овозможиме ново автопатско поврзување на Велес, Прилеп со Битола, со што од Скопје до Битола ќе се стигне за час и половина“, најави Мицкоски.
Според него, ситуацијата која денес постои во Македонија не е живот, туку неуспешна приказна на малкумина кои поради сопствени интереси и бегство од одговорност држат под заложништво цела една држава.
„Секој почеток има и свој крај, а нивниот доаѓа набрзо. Ние сме блокот за обнова кој ќе испрати во пензија политичари кои го разочараа народот и ќе донесе повеќе за секого. Тоа им го ветив на сите луѓе кои ме поддржуваат од првиот ден, на оние кој веруваат во нас и оние кои се колебаат, а стојам пред нив и им велам заедно ќе успееме“, посочи Мицкоски најавувајќи вистински резултати кои ќе донесат европска иднина во секој дом во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.