Македонија
Мицкоски: Клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација

Со целосната имплементација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси, правиме разлика. Од хаос кон систем. Од пристрасност кон дигитална евиденција. Од импровизација кон стратегија.
Оваа реформа ја носиме во време кога граѓаните одамна го изгубија трпението. И со право. Затоа што долго време имаше една логика- администрацијата како партиски плен, институциите како приватен имот. Ние градиме систем. А Информациониот систем за управување со човечки ресурси е значаен чекор, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на денешниот настан.
Мицкоски посочи дека со Информациониот систем за управување со човечки ресурси за прв пат во државата ќе има целосен и транспарентна слика за тоа кој каде е вработен, но и колкава плата добива.
„Преку овој систем, за првпат државата има целосна и транспарентна слика за тоа кој е вработен, каде, по кој основ, со кои квалификации, каква плата добива и дали е заслужена. Повеќе нема кумови, пријатели, советници по заслуга. Сега има податоци, перформанси и одговорност. Претходната власт не остави систем. Ни остави мрежа. Мрежа на влијанија, уцени, договорени функции и поставувања преку врски. Се криеја вработувања од јавноста. Се местеше документација. Луѓе без ден искуство раководеа со сектори. Тој модел го рушиме од корен. И на негово место градиме нов – праведен, транспарентен и контролиран систем.
Информациониот систем за управување со човечки ресурси е алатка, но реформата е политика која ние ја застапуваме. И ние таа политика ја водиме со јасен став- администрацијата не смее да биде партиска каса, туку државен сервис.“, изјави тој.
Мицкоски истакна дека додека визија на Владата е јасна, а тоа е како што рече тој да создадеме професионална, стабилна и отпорна администрација. Да обезбедиме кариера, а не послушност
„Нашата визија е јасна- да создадеме професионална, стабилна и отпорна администрација. Да обезбедиме кариера, а не послушност. Да градиме луѓе, а не лојалности.
Ние сме влада што инсистира за гарантирана услуга- институцијата мора да одговори на граѓанинот во рок. Влада што отвори процес на идентификација на нерегуларности во администрацијата. Што постави контролен механизам за напредување според учинок. И што, најважно од сè, ја враќа довербата во институциите.
Затоа денес, преку ИСУЧР, покажуваме што значи владеење преку систем, а не преку влијание.
Додека некои создаваа работни места за своите, ние инвестираме во дигитални системи, во обука, во квалитетни кадри. Ние отвораме врати за секој млад професионалец што сака да работи за државата. И тоа е суштинска промена. Тоа е разликата меѓу нас и нив. Ние градиме, тие прикриваа. Ние дигитализираме, тие укинуваа конкурсни постапки. Ние реформираме, тие ја злоупотребуваа администрацијата.“, објасни Мицкоски.
„Ќе завршам со порака што одамна требаше да биде реалност – јавната администрација не припаѓа на ниту една партија. Таа припаѓа на народот. Ваквите реформи го градат системот што го потврдува тоа. И ова е само почеток. Ќе продолжиме со реформи. Ќе воведеме автоматизирани процеси. Ќе изградиме целосен дигитален систем на управување со институциите. Модерната држава не може да постои со застарена администрација.
Граѓаните очекуваат брза услуга, одговорност и ефикасност- а не бирократска лавиринти и чекање со месеци. Администрацијата е лицето на државата. Ако тоа лице е неефикасно, затворено, арогантно или хаотично- тогаш и довербата во државата опаѓа. Во 21-от век, клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација. Без неа, секоја реформа е осудена на половичен успех.“, дециден е Мицкоски и додаде:
„Ако сакаме европска Македонија, мора да имаме европска администрација. Не по имиња, туку по стандарди. Не по форма, туку по суштина.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Поради завршување со градежните работи на „Санација на мостот преку река Вардар кај Башино село“ на регионален пат Р1312, делница Башино Село-Велес, од 08.07.2025 година се воспоставува нормален режим на сообраќај во двата правци, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја дел од Сопиште и дел од Карпош

Од ЕВН Македонија АД известуваaт дека денеска ( Среда ) без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:00 до 12:00 часот, дел од с.Сопиште (на главен пат околу,,Давидоф“).
. во периодот од 12:30 до 14:30 часот, дел од ц.Долни Нерези-Карпош.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за повремен дожд

Сончево со мала до умерена облачноста. Во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер, во западните делови од западен, а долж Повардарието и во источните од северен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за повремен дожд. Ќе дува засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h) во четврток дневната температура значително ќе опадне (од 8 до 10 степени). Во петок ќе се задржи посвежо време и ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во деновите потоа ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а температура ќе биде во постепен пораст.