Македонија
Мицкоски: Ковачевски да се вразуми и да седнеме да разговараме
Очекувам Ковачевски да се вразуми и да разбере дека јас не сум му непријател. Јас сум му можеби политички конкурент и ВМРО-ДПМНЕ можеби политички конкурент на СДСМ, но ние не сме непријатели на Македонија и ние не сме непријатели на институциите, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ние сме пријатели, подаваме рака да седнеме и да разговараме. За мене, непријателски акт е кога министер, што го плаќаат граѓаните, огромно мнозинство Македонци, стои пред знаме на туѓа држава и се срами да каже дека доаѓа од оваа држава, како што беше тоа со чинот на еден министер во текот на неговата посета во текот на вчерашниот ден“, рече Мицкоски.
Посочи дека нема други политички фактори, освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои може да се договорат за иднината на Македонија и да престанат понижувањата и срамот, кои на дневна основа ѝ се случуваат на државата од функционери плаќани со парите на граѓаните, како што беше последниот вчерашен пример на македонски министер при посета на соседна држава, кој се фотографира под туѓо знаме, не под македонското.
„Резултатот од овие политики на СДСМ е тоа, затоа апелирам до Ковачевски – не постојат други фактори, освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои може да се договорат за иднината на Македонија. Нека не се залажува дека некој друг му го чува грбот, тој грб ќе му биде полн со ножеви. Немаме поголема цена од Македонија, ние сме иднината на овој народ и ние сме тие што се одговорни за иднината на Македонија. Нека не мисли дека други политички субјекти се тие што без нив не може. Не, не е така. За да го прекинат срамот, како вчерашниот што го направи тој министер, кого го плаќаат граѓаните, го повикувам на разум, на патриотски дух, да седнеме на маса и да ставиме крај на срамот што некои други ни го прават“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека доста му е на македонскиот народ, но и на македонските граѓани, од понижувањата и од поделбите што одредени политички партии му ги прават и дека тоа е против државните интереси и против мултиетничките односи во државата.
„Доста му е на македонскиот народ, но и на граѓаните што се против една политичка партија, да се чувствуваат како граѓани од втор ред. Да престанат срамот, срамењето и деградирањето на државата. Не може да дозволиме повеќе ниту минута да ни се случуваат вакви работи. Ова е против државните интереси, ова е против унитарниот карактер на државата, ова е против мултиетничноста на Македонија и против мултиетничките односи на Македонија. Некој свесно ја напушта зелената агенда и сака со национализам да го дели народот. Тоа е само затоа што имаме слаб СДСМ воВладата, тоа некој го злоупотребува, го краде народот, создава нервоза, создава револт“, истакна Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, го повикувам Ковачевски да се вразуми, ова не е ниту до Мицкоски ниту до Ковачевски, иднината на Македонија е во прашање, да седнеме и да разговараме, немаме ние друга држава, ние немаме резервна татковина, доста некој ни ја понижува и доста некој ни ја краде.
„Затоа, го повикувам да се вразуми, да не слуша дека некој друг му го чува грбот, ние сме тие што му го чуваме грбот и очекуваме тие да го чуваат нашиот грб, а заедно да го чуваме грбот на Македонците и на граѓаните на Македонија. Тоа е она што јас сакам да го упатам од овде, од Радовиш. Некој свесно внесува поделби, некој свесно сака да ги подели македонскиот народ и македонските граѓани и свесно внесува национализам и антагонизам. Само ние можеме тоа да го спречиме, само ние ја имаме таа сила што може тоа да го спречи. Тоа е мојата порака“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

