Македонија
Мицкоски: Македонија во фуриозен стил ќе биде дел од европското семејство, ќе го откочиме патот

Мандатарот за состав на нова влада, Христијан Мицкоск, очекува Македонија фуриозно да влезе во Европската Унија. Одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од Бојко Борисов пред денешното генерално собрание на ЗЕЛС, Мицкоски рече дека се радува на неговиот избор оти и ВМРО-ДПМНЕ е дел од истото европско семејство и очекува двајцата да продолжат по патот кој е веќе трасиран. Повтори дека ултиматуми и диктати не прифаќаат, а грешките и лековерноста на некои од политичарите што беа и сè уште се дел од Владата ги отежнале состојбите.
„Имаме разумен предлог, кој ВМРО-ДПМНЕ го има како дел од својата изборна програма. Ќе го откочиме патот и јас сум убеден дека во фуриозен стил Македонија ќе биде дел од европското семејство“, рече мандатарот Мицкоски.
И денес рече дека тој и идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во целост ќе ги почитуваат меѓународните договори, но ќе инсистираат договорите да ги почитуваат и другите страни за што вели дека веќе подготвиле документ.
„Меѓународните договори треба да се почитуваат, немаме дилема, но тоа е двонасочна улица, двете страни треба да ги почитуваат. Преспанскиот договор ние како идна влада го почитуваме во детали. Сè што е од закон, Устав, се почитува до точка и запирка, но истовремено чекаме и вториот потписник да го почитува. Креиравме еден документ колку од договорот е имплементирано од наша страна, а колку од грчката страна. Ќе го запознаеме секој оној што е љубопитен колку двете страни го почитуваат договорот“, рече Мицкоски.
Нагласи дека бил сведок кога многу наши меѓународни партнери ги убедувале политичарите дека уште само името да се смени и готова е работата, но се покажа дека не било така. Затоа овој пат очекува сите наши стратешки партнери, кои се дел од меѓународните договори, да ги почитуваат исто како и ние што ги почитуваме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„СДС да престане да ја понижува државата“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„Одењето со глава во ѕид од страна на СДС, веќе можеме да го приметиме по коментарите од бугарските власти дека уставните измени не се последно нивно барање. Иако секојдневно, од СДС како да не пратат вести и коментари од Бугарија, продолжуваат со нивниот безобразен ПР каде што велат дека со спроведување на уставните измени, влегуваме во ЕУ, а знаеме дека не е воопшто така“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за надворешни работи на Бугарија, излезе и кажа дека уставните измени не се последното нивно барање, туку дека ќе има и други.
Знаејќи го ова СДС, ги бранат бугарските позиции кои се од најголема штетност врз македонскиот народ, само за да им се допаднат на Бугарите.
Во немањето решение и излез од ситуацијата, СДС само се понижуваше себеси и Македонија како држава. Велеа дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик, бугарски.
Затоа, граѓаните ги казнија и јасно им порачаа дека не треба тие да им ја водат државата во бездна. ВМРО-ДПМНЕ гордо и достоинствено ја претставува Македонија на меѓународно поле!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Опожарена површина од околу седум хектари со трска во Охрид

Вчера попладне во 17.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека во месноста „Трно“ во близина на улицата „Прилепска“ во Охрид била опожарена површина од околу седум хектари со трска.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.