Македонија
Мицкоски: Мора да се почитуваат пресудите од Стразбур и нашиот идентитет, а Македонија мора да најде решение кое ќе спречи идни предавства за да не може некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи да ги прекрши
На денешниот 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, кој се одржува во спортскиот комплекс „Јасмин“ во Кавадарци, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски“ се обрати и порача дека при евроинтегративниот процес Македонија мора да обезбеди решение со јасни црвени линии, кое ќе го заштити идентитетот и ќе спречи идни условувања и предавства.
„Не чекаат сериозни предизвици. Имаме отворено прашање со нашиот источен сосед, но се чини дека нема соговорник од другата страна. И мислам дека нема подобро место од овој 18-ти конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, да испратиме многу јасна и прецизна порака. Додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нема да се поместам ниту 1 милиметар од оваа позиција“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека источните соседи треба да се одлучат дали сакаат билатерални разговори или разговори со Брисел.
„Подготвени сме да разговараме, свесни сме за капитулациите и предавството на најкриминалната влада во историјата на независна Македонија, предводена од СДС и ДУИ. Свесни сме за штетата, историска, која ја нанесоа на граѓаните и државата. Не го игнорираме сето тоа. Подготвени сме да разговараме, но прво нека се одлучат какви разговори сакаат да имаме, билатерални или разговори со Брисел. Ако се билатерални, тогаш се потврдува нашата теза дека ова е билатерализација на нашиот европски пат. Ако сакаат да разговараме во Брисел, во присуство на евродипломатите, подготвени сме да заминеме уште утре и да ги презентираме нашите аргументи“, вели тој.
Понатаму, Мицкоски истакна дека постојат два столба за кои е подготвен да разговара, но нема да се помести ни милиметар се додека не бидат испочитувани договорите и меѓународното право.
„Нема поместување ниту милиметар, се до моментот, додека не биде испочитувана и последната буква и последниот интерпункциски знак, од договорите и од меѓународното право, и она што им припаѓа на Македонците од другата страна на границата во Пиринска Македонија. А тоа е, ни помалку ни повеќе, доследна примена на сите досегашните пресуди на Судот за човекови права од Стразбур, во својство и во насока на исполнување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Тоа е прво“, рече Мицкоски и дополни:
„И второ, ако навистина, никој нема проблем со нашата вековна идентитетска константа, и нашиот мајчин македонски јазик, и дека нема да има повеќе билатерални вета, тогаш најмалку што заслужија граѓаните на оваа земја, е нови заклучоци од страна на Европскиот Совет. Ова се двата столба за кои што сме подготвени да разговараме“.
Тој нагласи дека Македонија мора да најде решение кое ќе спречи идни предавства и ќе ги исцрта црвените линии.
„Затоа сметам дека Македонија мора да направи решение, кое ќе спречи идни предавства и кое ќе ги исцрта црвените линии, но на начин на кој нема да може некој нов трговец од Горни Милановац или Хирург од Дубаи да ги прекрши држејќи ја раката на срцето, со блага насмевка и гнасни и предавнички намери“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

