Македонија
Мицкоски: Националната развојна стратегија 2024 – 2044 е документ што ја дефинира визијата на државата во следните две децении
Премиерот, Христијан Мицкоски во својство на претседател на Националниот совет за развој, денеска да ја отвори четвртата седница на Советот, кој според него, како постојано советодавно тело на Владата, има исклучително значајна улога во обликувањето на долгорочната визија и развојниот пат на државата.
„Националниот совет за развој, како носител на управувачката структура во рамки на Националната развојна стратегија, претставува уникатен форум во кој, преку вклучување на претставници од сите засегнати општествени чинители, се дискутира за клучни теми и прашања поврзани со долгорочниот, стратешки и одржлив развој на државата. Овој Совет не е само формална институционална рамка – тој е простор за дијалог, за аргументирана дебата, за градење доверба и за создавање заеднички одговори на комплексните предизвици со кои се соочуваме“, рече Мицкоски.
Како што информира премиерот Мицкоски, со консензуален пристап, широка вклученост и јасна инклузивност, почитувајќи ги принципите на транспарентност, отчетност и партнерство, беше донесена Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година, со што беа поставени темелите на долгорочниот развоен правец – документ кој првпат на еден системски и сеопфатен начин ја дефинира визијата каде сакаме да бидеме како држава во следните две децении.
„Во изминатиот период, по донесувањето на овој стратешки документ, како и во времето од одржувањето на Третата седница на Националниот совет за развој, беа реализирани повеќе значајни активности поврзани со нејзината имплементација. Процесот на спроведување и следење на реализацијата продолжи со вклучување на широк спектар на чинители – граѓани, експерти, академици, претставници на бизнис заедницата и граѓанските организации. Овој отворен и партиципативен пристап е наша силна страна и гаранција дека стратегијата нема да остане документ „на хартија“, туку ќе се преточи во реални политики и мерливи резултати,“ подвлече Мицкоски.
Тој извести дека членовите на Владата беа детално информирани за предложените мерки кои произлегоа од првите состаноци на Работниот комитет, заклучно со март 2025 година, и притоа министерствата и другите органи на државната управа беа задолжени да преземат конкретни активности за нивна понатамошна реализација, со што, според него, уште еднаш се потврди заложбата за сериозен и одговорен пристап кон спроведувањето на стратегијата.
„Посебно сакам да ја поздравам и да ја истакнам работата на Работниот комитет, преку кој се обезбедуваат тематски форуми за дискусија и размена на мислења во контекст на Националната развојна стратегија. Иако сме сè уште на почетокот на овој долг процес, досегашната пракса веќе јасно сигнализира дека јавноста и засегнатите страни се подготвени активно да придонесат, заеднички да ги идентификуваме предизвиците и заеднички да креираме насоки за нивно надминување. Тоа е суштината на модерното и одговорно управување со развојот на државата, но и клучен предуслов за успешно исполнување на обврските во рамки на евроинтегративниот процес“, потенцираше Мицкоски.
Тој истакна дека формирањето на Интерпартиската парламентарна група за следење на напредокот на стратегијата претставува потврда дека Националната развојна стратегија е резултат на широк општествен консензус, што е силна порака за политичка зрелост и одговорност.
„Фактот дека Националната развојна стратегија е резултат на широк општествен консензус уште еднаш беше потврден и со формирањето на Интерпартиската парламентарна група за следење на напредокот на стратегијата, на 16 мај оваа година во Собранието. Ова претставува силна порака за политичка зрелост и одговорност, но и дополнителен механизам за обезбедување координација меѓу законодавната и извршната власт, како и другите релевантни чинители, со цел промоција на долгорочно стратешко размислување, инклузивни политики, транспарентност и отчетност. Токму ваквиот пристап – отворен, инклузивен и заснован на дијалог – постепено придонесува кон создавање стабилна стратешка рамка со јасна визија за развој. Визија што подразбира конкурентна и стабилна економија, одржлив раст, општествена кохезија и сигурност, демографска ревитализација, успешна зелена транзиција, како и системско зајакнување на човечкиот капитал и иновативните капацитети, со посебен акцент на дигиталната трансформација претставува силна порака за политичка зрелост и одговорност.
Националната развојна стратегија е креирана да биде водилка на развојот – жив документ кој ќе го следиме, ќе го унапредуваме и врз основа на кој ќе ја оценуваме успешноста на нашите политики. Токму затоа, паралелно со нејзината имплементација, интензивно работиме и на воспоставување на сеопфатен систем за следење, известување и евалуација“, изјави Мицкоски.
Потенцирајќи ја обврската на Владата до март следната година да го достави годишниот извештај за спроведувањето на Националната развојна стратегија за 2025 година, тој рече дека тоа бара зајакната координација меѓу институциите, јасна распределба на одговорностите и дополнителна промоција и позиционирање на стратегијата како највисок стратешки плански документ – документ кој ја диригира целокупната стратешка рамка, го насочува секторското планирање и овозможува креирање на инклузивни, ефикасни и политики базирани на докази.
„Нашата цел е јасна: долгорочен, одржлив и правичен развој, развој кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот за сите граѓани, економска стабилност, институционална сигурност и држава подготвена да одговори на идните предизвици“, беше дециден претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски и го искажа своето убедување дека со заедничка работа, партнерство и визија, Националниот совет за развој ќе продолжи да биде столб на оваа трансформација и двигател на промените што ги заслужува земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Жерновски и Филипче се доказ дека во СДС нема нов почеток, туку кадри што се симбол на неуспех, предавство и скандали
Кадри како Жерновски и Филипче се симбол на неуспех, предавства и скандали. Доказ за тоа дека во СДС нема нови лица, ниту пак некакви реформи е тоа што Андреј Жерновски е дел од раководството на Филипче. Прелетач од ЛДП во СДС на Заев, дојден за функција, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски, како што вели тој, е неуспешен и скандалозен дипломат.
„Шеташе по Букурешт, претставувајќи се како амбасадор на Македонија, а притоа немаше добиено акредитации за истото. Јавноста добро го памети Жерновски и по тоа што е неуспешен градежник, затоа што долго време говореше дека трибината на новиот стадион во Скопје кај и да е ќе се урне, ама ете ја таа стои и беше домаќин на најголемото европско фудбалско финале во 2017тата година.
Народот го памети Жерновски и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар. Своевремено, Жерновски ја превработи општината, но и претпријатието „Паркинзи Центар’’ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС“.
Центарци, додава Манасиевски, го паметат и по тоа што постави хаусмајстор да биде главен инспектор, а со тоа не ги испочитувал решенијата на Државниот управен инспекторат.
Како што оценува, на штета на македонскиот идентитет и позиции, Андреј Жерновски, неуспешниот политичар, јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија, но со оглед на тоа што неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, не му било тоа воопшто проблем.
„Жерновски и Филипче се имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата. Тие не се нови кадри, туку се кадри кои неколку пати се виновни за поразите на СДС низ годините. И по сите неуспешни обиди во политиката, од градоначалнички избори до дипломатски активности се стави на располагање заедно со Филипче да биде најголемиот поборник на бугарските агенции и бугарските интереси во државата.
Новите сили на СДС се потрошени кадри кои веќе биле дел од раководни позиции и фукционери кои не покажале никакви резултати и ја изневериле довербата на граѓанит“.
Македонија
Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека изврши корекција на доставената предлог-одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“.
Од 1 јануари 2026 година, наместо предложеното зголемување од 7,66 % што „ЕВН хоме“ го достави во одлуката, РКЕ по спроведените анализи и повторни пресметки, одлучи во првиот блок да има корекција од 2,45 % . Во вториот блок цената ќе се зголеми 2,87 %, а предлог-зголемувањето на „ЕВН хоме“ е 8,54 %. Во третиот блок цената ќе се зголеми 3,32 % иако беше предложено да има зголемување од 9,63 % и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 % наместо предложените 11,86 %.
Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоме“ предложи зголемување за 3,96 %, а РКЕ одлучи таа да се коригира за 2,50 %.
„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што РКЕ ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ‘ЕВН хоме’. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ оценува дека „ЕВН хоме“ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите.
Од РКЕ велат дека регулаторот има цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 % од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, речиси 21 % им се тарифира и во вториот блок, а третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.
Македонија
Магла и намалена видливост од Тетово до село Гајре
Поради појава на магла, се бележи намалена видливост од 40 метри од Тетово до с. Гајре.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година почна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.3.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова осебено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

