Македонија
Мицкоски: Најважно е која е алтернативата што ја нудат откако државата ја внесоа во слепа улица

Денеска видовме прес конференција која треба да влезе во учебниците за тоа како изгледаат лажните вести. Или народски да се изјаснам „млатење празна слама“. Ова се најлошите 100 дена на која било влада досега, од којашто може да се запаметат само загуби. 100 дена Влада на постојани загуби, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„За само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ. Влеговме во економска рецесија, пропадна банка, втор ТАТ, афера тешка 200 милиони евра, поскапе електричната енергија за домаќинствата, за жал 1.400 наши сограѓани во овие 100 дена го загубија својот живот од пандемијата поради акутната неспособност во здравството, и повеќе од 2.000 од денеска.
Во Македонија се умира поради тоа што здравствениот систем е отруен од инфицирачка неспособност да се менаџира со него.
Заслуга на Владата е на првото место за криминал во Европа. Зачудувачки и вчудовидувачки криминал. И не мора јас да ви кажувам колку се лоши овие 100 дена. Секој од вас нека си го постави прашањето кој проект или мерка изградија и завршија Зоран Заев со кои направија вие да живеете подобро. Одговорот е јасен, нема такви.
Гледам дека им пречи што критикуваме во првите 100 дена. Велат немаме мирни 100 дена. Но треба да се знае дека ова не е нова Влада. Туку Заев ни одзема речиси четири години од нашите животи со најлошите 100 дена. А од сите нас, од сите вас зависи колку ќе му дадеме можност да продолжиме да губиме.
Таква голема загуба е и ветото од нашиот источен сосед, паднаа во вода сите лаги на власта дека Зоран Заев ќе обезбедел европска, достоинствена иднина. Но она што е загрижувачки е што постои хазадерската игра на Зоран Заев со идентитетот, историјата, јазикот. Човекот игра и губи со нашите вредности и обележја. Внимавајте игра со all in со вас и вашите животи. Војува и губи со туѓи синови. Но не ни треба доказ дека ќе ги стави на маса идентитетските обележја туку едноставно е доволно човек да остане фокусиран 30-тина минути и да го проследи она интервју кое што го даде за медиум од кај нашиот источен сосед.
Но она што е загрижувачки е што продолжува со коцкањето. Го избра за специјален претставник својот еквивалент Владо Бучковски. Од медиумите дознавме дека на бугарската страна било понудено решение вклучено и содржано во еден нон пејпар документ. Досега во јавноста таквиот документ не се објави и покрај тоа што треба да му веруваме на Зоран Заев и Бучковски дека дал гаранција дека немаме територијални претензии, нешто што државава го прави по третпат и веќе станува понижувачки. Ние немаме информации што содржи понудата на Заев и неговиот нон пејпар.
А, ценејќи според дарежливоста на Заев за коцкање со туѓите интереси, можеме само да замислиме што се содржи овој документ.
Втората работа што е исто така значајна, Зоран Заев призна дека бугарскиот премиер лобирал за решавање на македонско-грчкиот спор. И оттука не слушнавме никаква ама буквално никаква реакција од нашиот источен сосед дали ова е точно или дали ова претставува флагрантно мешање во внатрешните работи на туѓа држава. Значи за македонскиот премиер не е пречка што друг премиер се вклучува во внатрешните работи на други земји. Но, проблем е што опозицијата и сите релевантни фактори во земјата се држат настрана кога станува збор за спорот со Бугарија.
Да потсетам, Зоран Заев не смета дека е потребно дури на лидерска средба да објасни што и како преговарал, а на маса идентитетот директно. Самите историчари од Бугарија признаа дека се разговарало за придавката македонски.
Трето, пред три дена соопштив дека Бојко Борисов директно ми призна дека Зоран Заев му ветувал дека многу работи само да дојде до премиерското место. Од страна на власта молк. Од страна на Зоран Заев молк. Затоа она што можеме да го забележиме изминативе неколку дена е аквизицијата на компанијата којашто е инвеститор во рудникот „Иловица“, се сеќавате оној истиот рудник „Иловица“ за којшто Зоран Заев им ветуваше на жителите таму дека нема шанси да биде рестартиран или отворен.
Имаме премиер со концeсии. Најважно е која е алтернативата што ја нудат откако државата ја внесоа во слепа улица. Но, внимавајте. Алтернатива со сочувани достоинство, чест, честитост, идентитет и гордост. Кој е нивниот план да ја развиваат Македонија или ќе се помират со тоа да останеме во чекалницата? Македонија заслужува европска иднина, а не години поминати во чекање.
Изгубивме многу и продолжуваме да губиме.
Заев и Димитров се тандемот кој ветуваа европска иднина. Распродадоа сè што можеше да се распродаде овие 4 години од гордоста и она малку што остана сакаат и тргуваат со него, а всушност гледаме дека нè доведоа до ќорсокак.
За ова мора да се понесе одговорност. Имаме повеќе чекори кои ќе водат кон рушење на владата која е без легитимитет. Но, првиот ќе биде поднесување на интерпелација за Димитров во Собранието. Има да одговорат на прашањата кои целата јавност ги поставува. Доста е за загубите кои се колективни поради нивната неспособност“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.