Македонија
(Видео) „Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот“, рече Пендаровски во Виница

Како дел од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски попладнево беше меѓу граѓаните на општина Виница.
На прашање на граѓанин за односите со соседите, Пендаровски потсети дека иако денес се противи, Христијан Мицкоски пред извесно време на тогашниот бугарски премиер му кажа дека го поддржува Договорот за добрососедство.
„Тој веројатно заборава дека интернетот не заборава. Тој може да не лаже дека не го кажал тоа, меѓутоа тој на чист бугарски јазик му вели ште поткрепиме тој договор, ако јас лажам, повелете на интернет, проверете. Кога Мицкоски вели дека само како Бугари можеме да влеземе во ЕУ, не сака да каже една друга негова изјава, негов став и став на неговата политичка партија, дека тие се наследници на Ванчо Михајлов. Значи вели, шефот на историското ВМРО од тоа време и денешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ се во континуитет, значи тој се смета себеси за наследник на Ванчо Михајлов. А сите вие знаете дека Михајлов целиот свој живот се декларирал како Бугарин“, порача Пендаровски.
Пендаровски пред присутните порача дека добро е Македонија што побрзо да стане земја-членка на ЕУ, затоа што тоа ќе донесе повеќе пари за земјоделството, за инфраструктурни проекти, за европски стандарди со што ќе се стави крај на иселувањето на младите.
Кандидатот за претседател Пендаровски, ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да го заокружат бројот еден, за да продолжи напредокот кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.