Македонија
Мицкоски: Не ми паѓа на памет да размислувам за било какви уставни измени, без гаранции
Без гаранции не ми паѓа на памет да размислувам за уставни измени. Нашата позиција е јасна, ние не ги игнорираме обврските што претходната влада на СДСМ ги прифатила, за жал, но исто така не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на своите обврски. Очекуваме поробусна акција од ЕУ и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамки на европското семејство зашто сме виделе во минатото многу пати – кога се сакало се се можело, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Вчера дадов еден краток коментар, денес бидејќи ме прашувате ќе дадам одговор на вашето прашање и ќе го поделам одговорот во два дела,“ изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговиот став во однос на Резолуцијата и на решението да се донесат уставни измени до февруари поднесена од страна на претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.
„Првиот дел е дека, за жал и ова раководство на СДСМ ја продолжува практиката на претходните раководства на СДСМ да ги руши позициите на македонската Влада и на државата, да ги распродава идентитетските и националните приоритети, од, за мене, неразбирливи причини. Ако на времето тоа го правеа за да се одржат на власт, за да можат да ги злоупотребуваат институциите и ресурсите на државата, не го оправдував се разбира за тоа има одговорност, но и некако ги разбирав. Сега не ги разбирам од опозиција зошто мора да ги подриваат позициите на Владата којашто грчевито се бори, тоа што тие го распродадоа, изминатите 7 години кога беа во влада, да го поправи. И на меѓународен и на домашен план,“ истакна Мицкоски и додаде:
„Второ, Резолуцијата, таканаречена, којашто ја видов и текстот внатре ќе се разгледува после изборите, така го разбрав раководството на СДСМ.
Трето, таму има историски фалсификати. Во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, тие не убедуваат во Резолуцијата дека тој во Обединетите нации бил прифатен во 19-тата година, мислам, не знам што да кажам. И вчера го кажав фактот дека во 2005-тата година, не доби Северна Македонија дата за почеток на преговори, туку доби Република Македонија. Тоа се историски фалсификати, јас не знам до кога овие луѓе ќе се служат со историски фалсификати“.
„И конечно, нашата позиција е јасна. Ние не ги игнорираме обврските што таа влада ги прифатила, за жал. Но, исто така, не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на нивните обврски и очекуваме исто така, поробусна акција од страна на Европската комисија и Европската Унија и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамките на европското семејство. Затоа што сме виделе во минатото многу пати дека кога се сакало, се можело.
Ние имаме јасна позиција – гаранции, коишто ги спомена претседателот на Европскиот совет, бидејќи македонскиот народ и граѓаните во Македонија без разлика на етничката припадност, многу дадоа во името на таа европска иднина на државата, многу дадоа, како ниеден друг народ во Европа. Сакате да тргнеме од 18-ти, 19-ти век па наваму да анализираме. Сега веќе да не зборуваме, последниов. Без такви гаранции, на памет не ми паѓа да размислувам за било какви уставни измени,“ истакна Мицкоски.
Тој е дециден дека никогаш нема да се откаже од македонскиот народ во соседството и насекаде во светот.
„Што со Македонците од другата страна на таа граница? Што со нив? Ќе се откажуваме ли секогаш како влади од македонскиот народ во соседството и насекаде во светот? Тоа јас нема да го направам. Никогаш. А треба само едноставно да се применат пресудите од Стразбур, ништо повеќе не треба да прават. Тоа е меѓународно право, Бугарија е потписник на тие конвенции. Само треба да го применат она коешто го донел Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто е европска темелна вредност. Да може ОМО Илинден – Пирин да функционира како здружение на Македонците во Бугарија. И со тоа ќе се стекне ОМО Илинден – Пирин со право да претстави свој човек во Министерскиот совет за малцинства во Бугарија, како што имаат Евреите, Ерменците, Турците, Ромите итн. Заслужиле Македонците коишто, според пописот во 56-та година биле мнозинство во Западна Бугарија, а во 65-та магично 200 илјади исчезнуваат, во следниот попис да имаат свој претставник тамо. И јасно држење до Резолуцијата од јули 2022-та година којашто ја гласаше Парламентот заеднички со 95 гласа. Ништо друго не бараме. Ова е тоа што го бараме. Ова се се факти. Кога ќе видиме подготвеност од другата страна, и ние сме подготвени да седнеме и да разговараме. А за оваа Резолуција, тоа малку што имаме да го кажеме ќе го кажеме после изборите,“ рече Мицкоски.
На новинарското прашање дали ги прифаќа црвените линии на Филипче тој одговори дека не прифатиле негови црвени линии, прифаќа македонски црвени линии: „не би го коментирал тоа, можеме да растураме пердуви колку сакаме, ниту сме прифатиле црвени линии негови, јас прифаќам македонски црвени линии“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

