Македонија
Мицкоски не се појави во полициска станица за да даде исказ за настанот во Дебар маало

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не дојде да даде исказ во полициската станица во Центар за случајот кога беше затекнат во затворен дел од кафеана на „Боемска улица“.
Засега непознато е која причината поради која тој не се појави во станицата.
Пред полициската станица имаше новинари од повеќе медиумски куќи кои го чекаа Мицкоски, со оглед дека тој бил поканет да даде исказ во 10 часот.
Нема информација ниту дали тој испратил свој претставник за да го одложи давањето исказ или, пак, само не се одзвал на поканата.
Мицкоски на почетокот од месецов беше затечен како седи во затворен дел од угостителски објект на улицата Боемска во Дебар маало, иако тоа беше забрането, с со уредба на Владата цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Додека Мицкоски со пријатели седел внатре, инспектори на Пазарниот инспекторат беа спречени да влезат и да направат увид со образложение дека просториите се заклучени, а клучот е кај газдата на објектот. На нив им беше дозволен увид откако Мицкоски излегол од внатрешноста на угостителскиот објект.
По ова, интервенираше и Единицата за брзо распоредување при МВР, по дојавата дека се бришат снимки од надзорните камери на кои се гледа дека угостителот ги прекршил мерките за заштита од коронавирусот, а внатре бил токму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Припадниците на ЕБР го најдоа уредот за снимање скриен во буре, а по насока на јавен обвинител е одземен и даден на вештачење.
Иако целата драма на Боемска се одвиваше од попладнето, Мицкоски призна дека бил во внатрешноста на кафeаната и ги прекршил мерките дури неколку минути пред полноќ кога се чекаше јавен обвинител да даде одобрение за одземање на уредот за снимање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Намален е притисокот врз болниците, вели министерот Филипче

Притисокот брз болниците е намален, а состојбата со вирусот се смирува, оцени денеска министерот за здравство, Венко Филипче, по состанокот со директорите на ковид-центрите.
„Состојбата со вирусот се смирува, епидемиолошката крива спласнува, а тоа го гледаме по бројот на новодијагностицирани случаи, кои повеќе денови по ред се намалуваат. Спласнува притисокот врз болниците иако не се целосно ослободени голем број одделенија бидејќи карактеристично за овој бран е влошувањата кај пациентите да настапуваат малку подоцна, па оттука циклусот на ослободување на болничките капацитети доаѓа 2-3 недели подоцна“, истакна министерот.
Тој апелира на максимална внимателност и во периодот што претстои.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје беа хоспитализирани 48 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а вкупно во главниот град се лекуваат 661 пациент, соопшти Министерството за здравство. Во целата држава се лекуваат 1.585 пациенти и има околу 400 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Македонија
Ангелов во посета на јужната граница: „Се надевам нема да има поголем бегалски бран“

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, заедно со преставници од француската амбасада, оствари работна посета на Транзитниот прифатен центар „Винојуг“ на јужната граница, а и на Регионалниот центар за упраување со кризи РЦУК Гевгелија.
Тоа е во корелација со активностите и за непосредно запознавање со реалната состојба и ситуација во согласност и со одлуката на Владата за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, и тоа на подрачјата на јужната и северната граница, и акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на државата.
„Се надевам дека нема да дојде до бегалски бран каков што некои најавуваат и покрај тоа што постои некое олабавување на мигрантите и ковид-мерките, што ќе придонесе за раздвижување и проток на луѓе преку границите“, рече Ангелов.
Тој истакна дека некои држави ги користат мигрантите за со нив да вршат и политички притисоци, но кај нас се земаат предвид сите тие факти при носењето на одлуките.
Ангелов ја посети и граничната позната локација Камен 59, а потоа оствари средба и со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Потоа беше остварена и работна средба во РЦУК Неготино.
На почетокот на месецот, прво, по заседавањето на групата за процена под раководство на Ангелов, а по седницата на Управувачкиот комитет, па потоа по разгледувањето на заклучоците од тие седници на Главниот штаб при ЦУК, од тие две владини тела е донесена одлуката на Владата на Република Северна Македонија за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, и тоа на подрачјата на јужната и северната граница. Тоа, како што е децидно наведено во одлуката, е поради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти на територијата на нашата држава и поради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење пандемија прогласена од Светската здравствена организација на вирусот SARS-CoV-2 и спречување негово ширење, со што се загрозуваат безбедноста, здравјето и имотот на населението и тие беа преточени во заклучоци за идни активности. На седницата се утврдија оперативно стручни заклучоци, при што беше донесен акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите на територијата на Република Северна Македонија.
Македонија
Царовска: Со новиот закон обезбедуваме учебници во аудиоформат и со Брајово писмо

Правото на образование е основно човеково и уставно загарантирано право на секој поединец и тоа мора да му биде овозможено. За актуелната Влада и МОН, оваа цел е врвен приоритет и ние сме максимално насочени кон обезбедување целосно инклузивно образование. Ова го истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска, на онлајн-средбата со здруженијата на родители на деца со атипичен развој, која денес беше организирана со цел да се чујат размислувањата во однос на образовниот систем и неговата инклузивност, како и во однос на искуствата, предизвиците, проблемите, но и да се предложат можни решенија од страна на родителите за подобрување на образовниот процес во тој дел.
Осврнувајќи се на новото законско решение за изработка и употреба на учебници, Царовска истакна дека за да бидат учебниците и другите наставни и дидактички материјали достапни за учениците со попреченост, нивната електронска форма треба да ги задоволи стандардите за е-пристапност.
„Во новиот Закон за учебниците обрнуваме особено внимание на пристапноста и на достапноста на наставниот материјал. За учениците во основното образование, учебниците задолжително ќе се поставуваат и во аудиоформат на интернет-платформата, а за учениците со оштетен вид Министерството за образование и наука ќе обезбедува учебници испечатени со Брајово писмо. Исто така, со поддршка на УНДП во тек е подготовка на читач за екрани на македонски и албански јазик, кој треба да биде готов до септември 2021 година“, посочи Царовска.
Советникот во МОН задолжен за следење и унапредување на процесот на инклузија, Душан Томшиќ, истакна дека Министерството првпат системски ја воведува услугата образовна асистенција како еден од предусловите за обезбедување инклузивно образование. Образовната асистенција ќе се испорачува во согласност со Законот за основното образование, ќе се финансира од буџетот на РСМ, односно преку буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиони денари.
Информира и дека во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во мај почнуваат обуките на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти што ќе бидат селектирани. Во наредниот период ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овие ученици.
На состанокот беше посочено и дека во согласност со новиот Закон за основното образование, специјалните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образоваат ученици со попреченост, добиваат и дополнителна дејност, односно се трансформираат во ресурсни центри, со што ќе се овозможи мобилност на веќе постојниот искусен кадар да дава поддршка на инклузираните ученици, како и на инклузивните тимови во редовните училишта.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион6 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?