Македонија
(Видео) Мицкоски: Оваа магарешка влада на Заев е најнеуспешната во овие 29 години независност
Имаме работа со влада за која магарињата вредат повеќе од човечките животи. Оваа магарешка влада на Заев е најнеуспешната во овие 29 години независност. Ако мислевме дека транзицијата беше нашиот најтемниот период, Заев со неговото работење не разубеди дека и од лошото има и полошо, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на почетокот на денешниот протест пред Собранието, кој со возила ќе продолжи до Штип.
Иако сакаат да ја локализираат одговорноста во само еден човек Лидија Димова, додаде тој, можам искрено и од срце да ви кажам дека не е таа причината за лошото раководење на институциите.
„Таа е последица и добар пример за лоша работа, за тоа како се краде народот, а богами и Европските пријатели. Ваквите магарешки работи на Заев се само неморалната вертикала во македонската политика каде се срушени сите граници за политичкиот морал“, рече Мицкоски.
Тој ја обвини власта дека си игра со нашата историја.
„Работата дојде до таму што од другава страна ќе праќале полк да ги руши спомениците на хероите во Скопје. И за тоа нема реакција. Народот ќе каже по улица онака разговорно, нашле село без кучиња. Проблемот е во нашиве првенци на власт што молчат на таквите провокации, и не затоа што се мудри, туку затоа што знаат само да калкулираат. Ним парите им се важни. Еден бугарски политичар ми вели ние го бараме само она што Заев ни го вети, не знам вели како може така на дневна основа да ги менува само мислењата. Му велам не знам што ти ветил, ама знам дека често ветува, а уште почесто не си ги одржува ветувањата. Тебе ти е му велам прво искуство со него, ама на народот во Македонија секој ден му е исто. И не пробувај да разговараш со Пендаровски, затоа што Стево мисли исто како што мисли и Заев, најпрвин ќе рече дека Гоце Делчев бил бугарин, па потоа пред предвремените парламентарни избори ќе рече дека не е така, денеска кој знае што може да каже“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече доколку навистина биде прифатено од страна на власта предводена од Зоран Заев дека Гоце Делчев во регионална смисла бил Македонец бидејќи бил роден на географската територија Македонија, а по националност бил бугарин, нашиот мајчин македонски јазик е лингвистичка форма на бугарскиот, тоа, кажа Мицкоски, ќе значи целосно асимилирање на македонската нација, удар во темелите на македонската нација и современата македонската држава и дополнително понижување.
„И одма да кажам дека ако оваа мафија на чело со Заев донесе таква одлука следната влада на ВМРО-ДПМНЕ, истата таа одлука веднаш ќе ја поништи и никогаш понатаму нема да ја почитува. Нека остане кажано и запишано, да не биде потоа не сме кажале и не сме предупредиле“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека Македонија мора да отпочне преговори со Европската Унија час поскоро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Доктор Беќаровски советува: Како да се заштитиме во денови на екстремно загадување
Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките се енормно високи, а загадениот воздух станува сериозна закана по здравјето, лекарот Нико Беќаровски преку објава на социјалните мрежи сподели едноставен совет и план за тоа како да се минимизира нивното негативно, потенцијално канцерогено дејство врз организмот.
Според Беќаровски, изложеноста на овие честички не може целосно да се избегне, но може да се ублажи нивното влијание преку секојдневни навики кои го поддржуваат организмот. Тој препорачува денот да започне со чај од диво оригано, во комбинација со додатокот G-132+ Natural.
Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д во доза од 1.000 И.Е., додека навечер советува чај од ѓумбир и куркума, или бел слез, повторно во комбинација со G-132+ Natural.
Дополнително, Беќаровски нагласува дека во текот на денот е важно да се внесуваат најмалку два литра млака вода со парче лимон, а кај лицата без висок крвен притисок може да се додаде и уште една шолја зелен чај.
„Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лечи“, порачува Беќаровски, потенцирајќи дека грижата за здравјето е особено важна во периоди на екстремно аерозагадување, кога последиците од вдишувањето на штетните честички може да бидат долгорочни.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.

