Македонија
Мицкоски од Василево: СДСМ требаше малку повеќе да работи наместо да краде
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4, Александар Николоски, ја посетија општината Василево. При самата посета, Мицкоски на граѓаните порача дека на 15 јули ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, ќе победи Обновата. А со Обновата ќе дојдат подобри времиња за граѓаните на Република Македонија и за самата држава.
„Ова не се обични избори, ова се избори во коишто ние сите заеднички одлучуваме во каква Македонија сакаме да живееме. Ова се избори во коишто ние одлучуваме за иднината на нашите семејства, но истовремено одлучуваме и за иднината на нашите потомци. Се наоѓаме пред сериозна раскрсница, дали ќе го одбереме едниот пат или ќе го одбереме другиот пат. Но не треба да се потцени ниту делото на нашите предци коишто со живот го платиле ова што денеска ние го живееме. Затоа изборот е исклучително тежок и не смее да се потцени. Но јас сум убеден дека на 15 јули овде во Василево, коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе постигне историски рекордна победа. Затоа што тоа е важно за сите нас“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека граѓаните ќе одлучуваат помеѓу транзициските политичари или ќе одберат луѓе кои имаат визија, кои имаа решение на секој проблем, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас знам дека ќе дојдат на ова исто место и нашиот политички противник. Знам дека ќе ја стави раката на срцето и ќе ја навали главата налево, надесно и ќе се изнаслушате за неговата жица, за неговото семе, време итн. Но истовремено ќе се изнаслушате и за многу невистини, многу лаги коишто ќе ги каже секаде, но неговата лага веќе не е 500 евра просек плата, 30.000 денари. Сега најновата лага е 34.000 денари“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека СДСМ се што ветува ништо нема да испорача, а тоа се согледа и во претходните три години.
„СДСМ можеше да го подобри стандардот на граѓаните само требаше малку повеќе да работи наместо да краде. Можеа навистина да ги донесат и „Гугл“ и „Фејсбук“, и сите оние инвестиции коишто практично ги најавуваа заедно со оној автомобилски гигант, но, за жал, и тие што ги наследија од претходната влада не успеаја да ги задржат туку сега домаќини на тие веќе договорени инвестиции се нашите соседни држави“, појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека неспособната влада на СДСМ не можеше да обезбеди повеќе работни места за граѓаните иако тоа го ветуваа на голема врата. Тоа е исто како што ветуваа дека кога ќе дојдат на власт правдата ќе дојде. Но, за жал, дојде само криминал, корупција, рекет.
„Многу внимателно ја создававме нашата програма. Буквално целата структура во рамките на партијата беше вклучена заедно со општинските комитети, комисиите. Многу експерти коишто се партиски определени, но и партиски неопределени од земјава и странство учествуваа во изработка на оваа програма. Многумина од нив го ставиле својот печат и додале вредност на истата, вклучително и вие граѓаните преку разговорите за обнова на Македонија“, истакна Мицкоски.
Мицкоски појасни дека во програмата секој имаше можност да остави своја трага и печат. Мерките коишто се предвидени во самата програма се креација и на граѓаните. Преку проблемите на граѓаните се креирани мерки коишто ќе помогнат во нивниот секојдневен живот и ќе ги реши нивните проблеми.
„Во програмата ќе најдете поголема просечна плата, како да дојдеме до поголема просечна плата во еден мандат за најмалку 25% од тоа што е денес. Таму ќе најдете како до поголеми пензии, најмалку 20% поголеми пензии од тоа што е денес и враќање на старото законско решение кога пензијата растеше двапати годишно. А, не како што тоа денеска се случува, едно покачување добија пензионерите предизборно, мислејќи дека изборите ќе се случат во април месец“, потсети Мицкоски.
Мицкоски на крајот вети на граѓаните дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ на 15 јули, ќе дојдат подобри времиња за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.
Македонија
Системот за видеонадзор на сообраќајниците „Безбеден град“ е поставен во Скопје, Куманово и Тетово
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работна средба на Единицата за оперативно-технички работи при Бирото за јавна безбедност во чија надлежност е системот за видеонадзор на сообраќајниците познат како “Безбеден град“.
Во рамки на посетата министерот беше запознаен со работата на оваа организациска единица, тековните активности и проблеми од делокругот на нивната работа.
„Во тој контекст беше истакнато дека во моментот ваков систем е поставен само во Скопје, Куманово и Тетово, има недостаток на покриеност на многу значајни крстосници, а голем дел од камерите и опремата која се користи во овој систем е технички застарена, а дел и неисправна. Исто така бев информиран за наградбата на системот која е во тек, а која опфаќа замена на постојните камери со нови и проширување на системот со нови камери на точки кои досега не беа покриени. Водено, во фаза на тестирање е системот за автоматско евидентирање на сообраќајни прекршоци за чие целосно ставање во функција потребно е да се направат и соодветни законски измени“, издвои министерот Тошковски од средбата и додаде:
Во иднина треба во континуитет да се инвестира во овој дел, да се прошири и во другите градови низ државата, како и да се распредели дополнителен кадар со цел оваа организациска единица да работи непречено во текот на 24 часа, бидејќи е од круцијално значење за обезбедување на поволна безбедносна состојба.