Македонија
Мицкоски од Собранието: Државата е во клиничка смрт, не барам сто дена меден месец туку најавувам инвестиции и реформи

Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. И за се ќе биде известена јавноста, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во експозето како мандатар за новата влада на денешната собраниска седница.
Мицкоски додаде дека ова не го говори како изговор туку дека одлучно ќе се одговори, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред.
– И затоа нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период. Веќе во вторник најавувам нова инвестиција над 400 милиони евра, потоа ќе ги намалиме даноците, покачиме пензиите, ќе обезбедиме пари за капитални проекти. Доста времето се трошеше на измислени теми, и етнички прашања, време е да се засукаат ракавите решат проблемите и ова да биде влада на економија и развој. Тоа го сакаат сите, истакна Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека носечка цел е да се обнови довербата во институциите на државна власт, да се елиминира корупцијата и да се обезбеди владеење на правото.
Централно место во нашата животна мисија е економското заживување. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии. Поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија. Нашата цел е да создадеме продуктивни и добро платени работни места, да ја намалиме невработеноста и да поттикнеме средина каде што бизнисите можат да се развиваат, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.