Македонија
Мицкоски од Чаир: Нема место за криминалците во политиката
Нема место за криминалците во политиката, доаѓа обнова, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со носителот на втората изборна единица, Владо Мисајловски, ја посетија општина Чаир. При средбата со граѓани Мицкоски посочи дека има уште малку до 15 јули, денот кога ќе победи обновата.
„Денешниот говор ќе го почнам со реченица што ми ја кажа еден мој пријател пред два дена, а кој не е од Македонија, живее надвор ,инаку е родум тука. Вели: ‘Христијан, Зоран Заев за граѓаните во Македонија е вистински кошмар, но затоа е најдобриот и најсладок сон за некои соседи’. И тоа е така драги пријатели. Затоа што кај Зоран Заев и СДСМ граѓаните на Македонија и самата Македонија се на дното на приоритетите. Нему му се поважни други работи, поважни му се сите оние лични агенди кои е одлучен да ги турка на сметка на честа и достоинството на граѓаните во Македонија, без разлика на нивниот етнички состав, без разлика на нашите етнички и верски различности“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека, за жал, граѓаните на Република Македонија секогаш се наоѓаат на дното на приоритетите на Зоран Заев и на оваа влада предводена од СДСМ.
„Матрицата на СДСМ без исклучок е составена од четири чекори. Првиот чекор е онаа лага кажана со раката на срцето, главата налево или надесно, малку за жицата, малку за времето, малку за семето итн. И ќе каже неколку лаги со цел да ги добие симпатиите на гласачите и на народот. За волја на вистината, СДСМ веќе 18 години нема победено на парламентарни избори, ќе потсетам 18 години, така ќе биде и сега на овие избори. На овие 18 години ќе додадеме 4, па ќе бидат 22 години. Од тука доаѓа и вториот чекор, а тоа е национално понижување, национален срам. Третиот чекор од таа нивна матрица без исклучок е грабеж и криминал, масовен грабеж и масовен криминал. И конечно последниот чекор, тие го заробуваат обвинителството, судството. Обвинителството е заробено за да се пресметаат со политичките неистомисленици, противници. А, судството за да можат да се амнестираат за некоја неправда направена од минатото“, истакна Мицкоски.
Мицкоски оцени дека СДСМ единствено гледа за своите лични интереси и не се грижи како живеат македонските граѓани.
„Јас ви ветувам дека во првите 100 дена секој кој се огрешил пред законот, осрамотил пред граѓаните, без разлика дали е политички определен или неопределен, на онаа или оваа политичка партија, ќе одговара. Од прв до последен. Доста беше неправди, овој народ е уморен од криминалци, од натрапници во политиката“, вети Мицкоски.
Мицкоски за крај порача на граѓаните дека на 15 јули ќе победи обновата и со тоа доаѓаат и најдобрите четири години за Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демократската партија на Турците ја поднесе кандидатурата за градоначалник на Центар Жупа
Демократската Партија на Турците на Македонија (ДПТМ) соопшти дека официјално ја поднела кандидатурата на Аријан Ибраим, за градоначалник на Општина Центар Жупа пред Државната изборна комисија, во пресрет на повторените локални избори што ќе се одржат на 11 јануари во четири општини.
Од партијата наведуваат дека Центар Жупа со години е средина во која вложуваат труд, доверба и посветеност, а кандидатот Аријан Ибраим, како што посочуваат, ја стекнал и зацврстил поддршката на граѓаните преку својата работа и пристап.
„Уверени сме дека и на овие избори ќе продолжиме по истиот пат, со истата одлучност и посветеност“, стои во соопштението. ДПТМ изразува очекување дека на 11 јануари ќе има поголема излезност и посилна поддршка, додавајќи дека веруваат во повторна победа на Центар Жупа.
Партијата му посакува успех на кандидатот и на општинската организација и наведува дека очекува голема победа постигната заедно со народот на Центар Жупа.
Македонија
Насилен упад во студиото на Инфомакс, ЗНМ бара најстрога санкција за напаѓачот
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
Според информациите од колегите од Инфомакс, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото.
Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.
Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент, како што велат од ЗНМ, претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Здружението бара најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
„Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок“, се додава.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници.
Фото: Pexels
Македонија
(Видео) Станкоска: Дали со еден стан Орце го реши проблемот на жените жртви на насилство?!
„Со отстапување на еден единствен стан од 30 м², кој наводно е „сè што градот има на располагање“ градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски „го реши“ проблемот со сместувањето на жртвите на семејно насилство. Оваа предлог-одлука предвидува токму тој мал, единствен стан да стане новиот простор за најранливите жени во градот“, велат од партијата Левица.
-Град Скопје нема извршено попис на сопствениот недвижен имот, не постои јасна евиденција што поседува градот, во каква состојба е имотот, колку објекти стојат празни, неискористени или пропаѓаат. А кога институцијата не знае што има, секогаш се прогласува дека „може“ само најмалку, на штета на најранливите, истакна Евгенија Станкоска, советничка од Левица и укажа дека вакво „решение“ е симптом на подлабок системски хаос.
Според неа понудениот стан не претставува решение за овој сериозен проблем, туку понижувачки и импровизиран обид да се создаде впечаток дека проблемот се решава. „Жртвите на семејно насилство не смеат да се третираат како ПР-позадина, туку како сериозна обврска која бара системски пристап и одговорно управување со градскиот имот.“
Во своето обраќање посочи и дека секоја година во Македонија стотици жени пријавуваат семејно насилство, а земјата веќе брои повеќе случаи на фемицид кои остануваат како траен доказ за институционалниот неуспех да се спречи ескалацијата на насилството.
„Во такви услови, Левица одамна предложи законски измени семејното насилство да се гони по службена должност, со што би се спречил притисокот врз жртвите да го повлекуваат пријавувањето и би се обезбедила проактивна државна заштита – но мнозинството во Собранието, предводено од ДПМНЕ, го одби овој предлог“, рече Станкоска и додаде дека токму ова одбивање е доказ дека властите не се подготвени за суштински мерки, туку остануваат на симболични гестови кои не ја менуваат реалноста на жените кои живеат под закана.

