Македонија
Мицкоски: Очекувам преку договорот со САД билатералната соработка и трговија да се зголеми
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека САД излезе со нова политика за царини кон Македонија и што значи ова за економијата, изјави:
„Во рамките на мандатот на оваа Влада, во овие 20 месеци, не цели, постигнавме Договор за стратешко пријателство со Велика Британија. Повторно од опозицијата настапуваа со лажни тези, дека ќе сме примале мигранти за пари и тоа траеше со месеци. Еве излезе амбасадорот на Обединетото Кралство, даде интервју, ги демантираше. Нема поголем демант од тоа. Но, Договор за стратешко пријателство не е само договор, туку и порака. А таа порака, ние можеме и ефектите на таа порака да ги видиме и во нашата економија, па дури ако сакате и во условите со кои се издаде Еврообврзницата, затоа што тоа е силна порака. Тоа е еден стратешки документ.
Вториот документ е документот со којшто ние имаме, први во регионот, а тоа е заедничка усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија, кажа Мицкоски.
„Третата важна дипломатска работа којашто нас нѐ стави во друштвото на функционални демократии, зрели демократии каде што владее правото, каде што се почитуваат човековите права е стопирањето на пост мониторинг мисијата на Советот на Европа. И ние сме единствената земја во регионот. Сите коишто се дел од Западен Балкан 6 групата или се во мониторинг или се во пост мониторинг. И овој договор којшто потенцијално ќе го потпишеме со Соединетите Американски Држави, во рамките на параметрите коишто се содржани во заедничката изјава, ќе овозможи македонските компании, односно производите од Македонија, помеѓу 62 и 64, отприлика царински броеви, да се најдат на американскиот пазар со повластени тарифи од 0 до 6,5%.
Инаку, вреди да се напомене дека во 2025 година, билатералната трговска размена надминува половина милијарда долари. Мислам дека ближиме докај 600 милиони долари во којшто имаме благ суфицит како држава. Македонија има повеќе извоз, отколку увоз во Соединетите Американски Држави. И очекувам преку овој договор, билатералната соработка и трговија да се зголеми. Но повторни ќе кажам, самиот договор по себе е единствен надвор од Европската Унија со тарифи исти какви што има Европската Унија и Обединетото Кралство. Но пораката е силна. Пораката е силна, односно порака на Високиот трговски претставник на Соединетите Американски Држави, кој што е на ниво на Секретар, господинот Грир, дека испраќаат порака кој е нивниот најсилен партнер во регионот, а тоа е нашата Македонија. Значи многу и за инвеститорите и за економската состојба во државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

