Македонија
Мицкоски: По повеќе децении, нов колекторски систем и нова канализација за Трпејца
Во рамките на акција „Важно е! Од тебе зависат промените! на средба со граѓаните во село Трпејца се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, каде што истакна дека како локална самоуправа се силно фокусирани Трпејца да го добие заслуженото место на туристичката мапа.
„Ние сме конкретно како локална самоуправа силно фокусирани тоа да го оствариме и нема бегање, ние ќе го направиме кога веќе сме на пат или од стариот проект, кој беше со 47-50 пумпи и економска неоправданост во секоја смисла на зборот, направивме проект кој е само со една пумпа и да го решиме проблемот за цела Трпејца и Трпејца да го добие заслуженото место на туристичката мапа“, рече Пецаков.
Во село Трпејца се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, каде што потенцира дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера на целата територија на Македонија од централниот буџет да реалоцира до 250 милиони евра за проекти поврзани со општинската локална инфраструктура. Имено, Мицкоски додаде дека за Охрид се предвидуваат 8 милиони евра годишно да се реалоцираат од централниот буџет за проекти во општината Охрид.
„Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера на целата територија на Македонија да го реализира, а тоа е од централниот буџет да реалоцира до 250 милиони евра за проекти што се поврзани со општинската локална инфраструктура, како што е случајот овде, во ова населено место Трпејца, а тоа е канализациски систем со пречистителна станица, потоа водоснабдителни системи. За Охрид предвидуваме до 8 милиони евра годишно да реалоцираме од централниот буџет за проекти во општината Охрид, надвор од буџетот што го има самата Општина или помеѓу 30-32 милионса евра за еден четиригодишен мандат.
Мицкоски при посетата наброи и се осврна и на други проекти за овој регион.
„Меѓу проектите што ги идентификувавме како приоритет е и проектот за изработка на канализација овде заедно со пречистителна станица. Сличен таков проект ќе се прави и во Долно Лакочереј, потоа тука е проектот за изградба на катна гаража во центарот на градот, до пазарот, потоа ново училиште ‘Глигор Прличев’, понатаму еден плоштад кај Чинарот и еден капитален проект, кој е многу значаен, генерално, за целата општина Охрид, а тоа е нов водоснабдителен систем ‘Свињишки извори’, кој е во вредност од речиси половина милијарда денари или некаде над 8 милиони евра, со што во следните 50 години практично Охрид ќе нема проблем со снабдување со вода“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.
Македонија
Унгарските искуства за „Безбеден град“ и миграциите во фокус на посетата на Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.
Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.’, истакна министерот Тошковски.
Во делот на борбата против трговијата со дрога, беа презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.
Во рамки на посетата беше потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, беше упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на нашето МВР.
Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која беа разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, беше реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива.’, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска-Клеин: Соработката со Унгарија е пример за вистинско партнерство
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес во просториите на општината оствари средба со амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Андраш Клеин. Во рамките на разговорот, таа ја претстави својата визија за развој на општината, а посебно беше нагласена подготвеноста за унапредување на долгогодишната соработка меѓу општината и Унгарија.
Соговорниците посебен акцент ставија на продолжувањето на традицијата на чествување на Шандор Петефи, чија биста е поставена во новиот парк во Драчево. И годинава ќе продолжат активностите поврзани со неговото одбележување, а најавен е и конкурс за учениците од основните училишта, посветен на теми од унгарската историја и државност.
-Преку вакви проекти не само што го унапредуваме урбаниот и културниот живот во Кисела Вода, туку и ги зајакнуваме врските меѓу македонскиот и унгарскиот народ. Нашата соработка со Унгарија е пример за вистинско партнерство и верувам дека и во иднина ќе реализираме уште многу заеднички иницијативи-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На средбата присуствуваше и претседателот на Здружението на Унгарците во Македонија-Теледом, Јожеф Шутуш, кој ја потврди долгогодишната соработка и одличните релации со Општина Кисела Вода, како основа за понатамошно зближување и заеднички развој.

