Македонија
Мицкоски: Потребно е да се видат и цените во аптеките и во продавниците за бела техника
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за поставување на пратенички прашања рече дека состојбата која ја затекнале како Влада е алармантно катаклизмична.
„Состојбата која ја затекнавме беше алармантно катаклизмична и во таква состојба вие мора да најдете начин како сето тоа да го менаџирате и да се соочувате со сите тие предизвици.“
Мицкоски изјави дека има различни и поделени ставови во однос на замрзнување на цените и на маржите.
„Има различни и поделени ставови за замрзнување на цените, на маржите, замрзнување на дистрибутивните маржи итн, и прво кое што го направивме беше имплементирање на законот за нефер трговски практики. Но, кога направивме една анализа сфативме дека практично законот се однесува на период од една година. Така што вие ако сега започнал законот да се применува на 01.01.2025 година сега да почекате цела 2025 година да помине за да видете дали просекот на маржа на рабатот е 10 проценти. Тоа што значи? Тоа значи дека во јануари може да биде 20, во јуни да биде 3 и сето тоа пондерирано на крајот на годината треба да биде 10 проценти. И за жал така е во законот и тука ние не можеме ништо повеќе ниту да додадеме ниту да одземеме.
И тука ние разговаравме со дистрибутерите производителите, стопанската комора и од Министерството за економија и труд навистина дадоа големо значење и посветија големо внимание да изнајдат заеднички јазик да не применуваме ваков тип на офанзивни рестриктивни политики туку сето тоа да биде врз основа на заеднички консензуален пристап итн.
И како резултат на тоа ја направивме онаа таканаречени Новогодишна потрошувачка кошничка и навистина голем дел од маркетите и производителите дојдоа во Владата, заеднички го промовиравме тоа и сето тоа во тој момент имаше состојба на надеж дека на крајот може сме направиле нешто општествено добро сите ние заедно.“, рече Мицкоски и посочи дека одредени маркети, производител и дистрибутери се служеле со трикови.
„Но, морам да бидам објективен врз основа на сведоштвото на граѓаните, наши лични сведоштва дел од производителите, дистрибутерите и маркетите, заклучивме дека се служат со тикови. И тие трикови придонесоа одредени производи да се зголемат како резултат на овие кои што се намалија. А се зголемија оние производи кои се најшироко употребувани од граѓаните.“
Мицкоски рече дека потребно е да се видат и цените во аптеките и во продавниците за бела техника, потенцирајќи дека мора широко да се гледа цела работа бидејќи и ова влегува во потрошувачката кошничка.
„Низ целата анализа која ја спроведовме кога ја анализиравме минималната потрошувачка кошничка дојдовме до заклучок дека можеби ќе треба да се прошири, некако како да ги забораваме аптеките. Со право пензионерите не се задоволни, праксата покажува дека во тие години на животот почесто имаат контакт со аптеки, за разлика од помладите. И ако направите анализа за лековите кои не се дел од позитивната листа, а кои ги употребуваат ќе забележите дека таму има од 2 до 3 пати поголеми цени од тие кои што се производни.
Така што оваа акција ќе добие и свое второ полувреме. Ја користам говорницата да упатам апел и до сопствениците на аптеки да размислат каде тераме на овој начин. И трето полувреме, а тоа се ланците на бела техника. Ако споредите регионално во соседството, на еден производ кај нас споредено со производите во другите држави е најскап“, вели Мицкоски.
Премиерот истакна дека нема да дозволи дивеење на поединци да ги користат и да ги злоупотребуваат своите позиции на грбот и стандардот на граѓаните.
„Ние мораме да видиме над ситуација, сериозно да пристапуваме и во анализата, но и во акцијата. Така што да ова е само прво полувреме, ќе има и второ и трето полувреме. И ќе има поголем опфат. Мораме да ги намалиме овие дивеења кои што се на грбот на граѓаните. Повторно ќе кажам јас разбирам пазарна економија, но поединци не можат својата позиција да ја злоупотребуваат на грбот на граѓаните и на товар на стандардот на граѓаните.“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски најави дека во периодот кој што следи Владата планира намалување на парафискалните давачки, односно како што рече нешто што позитивно ќе влијае на намалување на цените.
„Ние како влада планираме голем дел од таканаречените парафискални давачки да намалиме, нешто што така треба позитивно да влијае на намалување на цените. Јас ќе ве потсетам не така одамна инфлацијата беше 19, 20, 21 процент, годината ја завршивме со просечни 3,5 проценти, дали е голема или мала тоа е друга тема. Но, нашата цел е да ја намалиме да биде под 3 проценти, односно 2, 2,5 проценти, но за тоа треба партнери.
Доколку немаме партнери, тогаш ќе мораме ние како Влада да ги преземеме сите мерки за да го заштитиме стандардот на граѓаните, и верувајте дека тоа ќе го сториме.“, дециден е Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

