Македонија
Мицкоски: Прво нова Влада, па спроведување на предвремените избори заедно со локалните
Предвремените парламентарни избори и се потребни на Македонија и единствен логичен термин е заедно со локалните избори, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали може да се очекува предвремени парламентарни избори, како и дали има преговори со други партии.
Мицкоски рече дека разговорите се во тек и со опозициони и со партии од власта кои треба да размислат дали сакаат да бидат дел од најкорумпираната и најкриминална власт. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е дециден дека предвремените парламентарни избори и се потребни на земјава, но претходно треба да дојде Влада која ќе подготви рамен терен за тие избори за да се случат.
„Предвремени парламентарни избори и се потребни на Македонија и единствен логичен термин да не правиме дополнителни трошоци се и локалните избори. Мислам дека тоа треба да се случи и работиме на тоа да се случи, а претходно треба да дојде една влада која што ќе подготви рамен терен за тие предвремени парламентарни, локални избори, а не ваква корумпирана криминална и неспособна влада бидејќи морам да кажам дека не ги бива за работа не ги бива за проекти но затоа пак се светски шампиони според криминалот, корупцијата и би рекол матните идеи како да лажираат и поткупуваат за време на избори. Затоа е многу важно да дојдат луѓе кој што тој процес ќе го одработат така како што е потребно односно како што велат законите и процедурата. Да! ВМРО-ДПМНЕ води разговори и со парламентарни опозициони партии, но и со парламентарни партии кои што се дел од власта, така што кога ќе имаме мнозинство во рамките на парламентот тогаш ќе излеземе во јавноста и тоа мнозинство ќе го презентираме. Но, повторно ќе кажам секој оној кој што му мисли добро на македонскиот народ на граѓаните на Македонија на Македонија под итно треба да си го стави прстот на глава и да размисли дали неговата иднина е заедно со овие најкорумпирани и најкриминални политичари во историјата на Македонија или пак да бидат заедно на страната на народот, на чесната страна и да си ја спасиме државата. Тоа е она што јас можам да го кажам по тоа прашање“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

