Македонија
Мицкоски: Работиме на ново парламентарно мнозинство, опфатени се и пратеници од СДСМ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говорејќи на денешната прес-конференција побара распуштање на Владата и предвремени парламентарни избори.
Лидерот на опозициската партија смета дека оваа Влада лошо ја води земјата.
Прашан дали парламентарните избори треба да се одржат заедно со локалните, тој порача: „Ние секојдневно бараме оставка од оваа Влада и создавање услови за предвремени парламентарни избори – час поскоро“.
Како што кажа Мицкоски, според правото, 61 пратеник треба да кренат два прста во Собранието и на тој начин да се распушти Владата и да се закажат нови парламентарни избори.
„На друг начин не можеме да ги добиеме. А како ќе дојдеме до 61 пратеник, секојдневно работиме на тоа. Кога ќе имаме мнозинство, благовремено ќе информираме“, рече Мицкоски.
Прашан дали е оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да обезбеди 61 пратеник за предвремени парламентарни избори, Мицкоски одговори само дека е оптимист oти Владата треба час поскоро да замине.
„Во овој момент не би сакал да откријам детали, бидејќи се работи на тоа ново парламентарно мнозинство. Во моментот кога ќе имаме 61 пратеник, ќе информираме. Дали е опфатен дел од пратеничката група на СДСМ – да, опфатен е“, рече Мицкоски за најавата дека работат на обезбедување мнозинство, а прашан, кои пратеници се опфатени, додаде: „Па сега, ќе почекате малку“.
Најавите за ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски не ги кажува по првпат откако се одржаа изборите на 15 јули, кога ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите. На почетокот на февруари тој кажа дека се крои ново мнозинство.
Но тогаш, тоа не се случи. По ова, се гласаше доверба на Владата, која доби поддршка од 62 пратеници, колку што брои и мнозинството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.