Македонија
Мицкоски: СДСМ е мајстор за тензии, бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка
Заканите дека ќе го блокираат законот за бранителите и ќе бараат тој да се носи во пакет со решение за статусот на војниците од поранешната УЧК, за премиерот Христијан Мицкоси се обид повторно да се создадат етнички тензии и нетрпеливост оти опозицијата знае да игра само на оваа карта. Тој и денес рече дека ги поддржува бранителите и ги повика граѓаните да не наседнуваат на провокациите.
„Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата недвосмислена поддршка. Овој закон, кој вчера беше на дневен ред, е поднесен од пратеничката Славјанка Петровска, односно од СДСМ, и она што е интересно, кога се гласаше потребата за носење на дневниот ред, СДСМ ја напушти седницата. Ова го споменувам затоа што самата пратеничка и СДСМ не го поднесуваат законот затоа што им мислат добро на бранителите, туку го поднесуваат за да создадат еве ваква состојба, за да создадат повторно етнички тензии, да создадат етничка нетрпеливост бидејќи ова е картата на која и тие и другите опозициски партии, без разлика дали се од македонскиот или од албанскиот блок, ќе играат во периодот што следува. Мојот совет до граѓаните е да не наседнуваат на ова затоа што состојбата е стабилна“, рече премиерот Мицкоски денес на отворањето на спортскиот комплекс „Бранители“ во општина Бутел.
Според него, на опозицијата ѝ пречи дека сѐ она што е потребно за да се развива државата веќе се прави, односно расте индустриското производство, расте преработувачката индустрија, инфлацијата се намалува, инвестициите почнуваат, растат пензиите, се враќаат субвенциите на земјоделците.
Премиерот потсети дека СДСМ и ДУИ имале седум години да го решат прашањето на бранителите со кое сега креваат тензија.
„Тие не знаат како да ја кренат економијата или да дадат предлог, тие не знаат како да изградат, не знаат како да направат нешто добро, но се мајстори за создавање вакви тензии. Тоа ќе се случува во периодот што следува, но ние сме држава, ќе се браниме и ќе ги одбраните и граѓаните и безбедноста на Македонија. Речица и ‘Бихаќска’ имаа можност седум години да разговараат на оваа тема. Не можат поинаку да мобилизираат луѓе затоа што голтари влегоа во политиката, милионери излегуваат. Од команданти излегуваат милионери. Тоа е суштината овие 20 години“, рече премиерот Мицкоски.
Пратениците од „Вреди“ вчера ја напуштија седницата со објаснување дека тие се во Собранието за да го бранат правото на албанскиот народ и да бараат сеопфатни решенија за сите рани од минатото, вклучително и статусот на поранешните борци на УЧК. Најавија дека нема да дозволат усвојување на законот за бранителите доколку со него не се реши и статусот на војниците на поранешна УЧК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

