Македонија
Мицкоски со апел до парламентарните партии: Да обезбедиме општествен консензус за промените во Судскиот совет

„Јас очекував дека СДСМ ќе биде порационален во своите изјави. И сега тоа што го прочитав навистина за мене беше неочекувано, мислев дека еднаш ќе застаневме заедно за да обезбедиме национален консензус и заеднички да работиме на промените, да не биде еднострано, да не бидеме ние обвинети дека ете правиме нешто кое што е дел од коалицијата која што е во Владата.“ вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира обвинувањата на Венко Филипче за партизација на Судскиот совет.
Премиерот Мицкоски упати апел до сите парламентарни партии да се вклучат и заеднички да работата на промените се со цел да се обезбеди општествен консензус.
„Јас ги поканувам сите парламентарни партии заеднички да го работиме овој процес, да биде инклузивен. Еве да направиме една нова пракса, да обезбедиме еден општествен консензус дека ни се потребни промени и заеднички да работиме тие промени да се случат. Но, не може никако причината да стане решение. Сега причината за ваквата состојба во судството, а тоа е Владата која што 7 години беше таму каде што беше и позади кои што одлуки има многу контроверзии и скандали, посебно во судството, не сакам да ве потсетувам на оној шверцерски поминат Кривичен законик со европско знаме, сега тие од една страна се претставуваат себеси како решение. Процесот треба да е инклузивен, да имаме општествен консензус.“, вели тој и додаде:
„Еве не сакаме ние да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени, ги повикувам сите пратеници во Парламентот ако се согласуваат дека треба да се распушти овој Судски совет кој што тие го гласале, ги повикувам кога ќе дојде точката на дневен ред да гласаат, во насока на тоа да бидат разрешени овие членови на Судскиот совет.
А, потоа заедно во еден инклузивен процес да најдеме луѓе кои што ќе мониторираат и ќе бидат тие кои што ќе идентификуваат судии кои што злоупотребуваат тоа што се судии и кои што се причинители би рекол поради нивните контроверзни одлуки на некои процеси кои не треба да ни се случуваат.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Баку: ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер

ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на 12. Глобален форум во Баку, на сесијата на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.
Таа повика на суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Воедно, истакна дека иако се застарени, Обединетите нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има потенцијал за да ги адресира проблемите.
Во обраќањето го реафирмираше членството во Европската Унија како стратешка цел на државата. Посочи и дека не отстапуваме ниту од нашето стратешко партнерство со САД.
Таа рече и дека европскиот пат на нашата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави.
„Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Oдговор на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. Значи, треба да делуваме „ex ante“ наместо „post festum“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рече Давкова.
Побара јасен интегративен пат, базиран на принципи и правила.
Таа изјави и дека неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста. Генералното собрание треба да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите. Само така, рече Сиљановска-Давкова, Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици.
Македонија
Тошковски на одбележување 44 години САЕ Тигар: Елитна единица која е врв во професионализам, стручност и обученост

Во касарната Илинден во Скопје, денеска се одржа свечено одбележување на 13 Март – Денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица – „Тигар“ и 44 години од постоењето на единицата, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, амбасадори и полициски аташеа при амбасадите во земјава, поранешни команданти на Единицата, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Бирото за јавна безбедност во рамките на МВР.
Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ Тигар беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Владата, МВР и семејствата на загинатите припадници на единицата.
Министерот Тошковски истакна дека САЕ Тигар од аспект на професионализмот, стручноста и обученоста на своите припадници, претставува вистинска гордост како на министерството за внатрешни работи така и на цела Македонија.
„Македонија е горда на своите Тигри. Оваа високоспецијализирана полициска единица, една од најсложените во безбедносната структура на МВР, секогаш во секое време е целосно подготвена, ефикасна и обучена, технички и човечки опремена до перфектност, се со цел брзо и ефикасно извршување на специфичните и сложени задачи кои ги има во секојдневното работење.“, потенцираше министерот Тошковски во обраќањето.
Министерот Тошковски нагласи дека министерството ќе продолжи со континуираниот развој и поддршка на единицата во насока на материјално-техничко унапредување од секој аспект со цел продолжување на врвната ефикасност и ефектуирање на резултати на единицата.
Командантот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Драган Прокоповски ја потенцираше храброста, професионалноста и пожртвуваноста на припадниците на единицата и се заблагодари на раководството на министерството што ја препознава вредноста на единицата и ја става на врв на приоритетите во вложувањето и своите планови за унапредување и поддршка.
„Со соработка, дисциплина и професионалност, со брзо и енергично дејствување ќе останеме ударната сила на Министерството за внатрешни работи, сила која секој непријател ќе ја почитува, а секој граѓанин ќе ја доживее како гарант на мирот и безбедноста“, истакна командантот Прокоповски.
Прокоповски потсети на седумте припадници на Специјалната антитерористичка единица-Тигар кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи.
„Нивните имиња ќе бидат вечно врежани во историјата на нашата единица, а нивниот дух ќе продолжи да живее во секој припадник на оваа горда единица“, заврши командантот Прокоповски.
Од страна на припадниците на САЕ – Тигар беше реализирана и видео презентација на активностите на единицата за 2024 година, а во знак на одбележување на 44 години од формирањето на единицата беа доделени и плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на Единицата за 2024 година, беа доделени плакети на припадниците за 5, 10, и 20 години служба во единицата, и плакети на соработници и пријатели на единицата.
На крајот од свеченото одбележување присутните ја посетија и Спомен куќата на САЕ „Тигар“.
Македонија
Општина Чаир го доби максималниот грант од УНДП за подобрување на енергетската инфраструктура во училиштата

Општина Чаир е една од трите општини на државно ниво што го добија максималниот грант од 50.000 долари од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), во рамките на проектот „Зајакнување на општинските капацитети за имплементација на проекти – Фаза 2“, поддржан од Владата на Шведска и Бирото за регионален развој.
Иако во овој процес учествуваа повеќе општини, само три успеаја да го осигураат максималното финансирање, велат од Општината.
„Како единствена општина со мнозинско албанско население што го доби овој грант, Општина Чаир, заедно со својот придонес од 395.564 денари, ќе инвестира во подготовка на техничка документација за инсталирање на контролни топлотни пумпи за греење во основните училишта на општината. Овој проект има за цел создавање на подобри услови за учениците и одржлива енергетска средина во образовните институции“, велат од Кабинетот на градоначалникот, Висар Ганиу.
Тој присуствуваше на церемонијата на потпишување на договорите и истакна дека ова е значаен чекор за развојот на училишната инфраструктура и зголемување на енергетската ефикасност во образовните установи.
Општина Чаир останува посветена на реализација на проекти и инвестиции што директно ќе придонесат за подобрување на животот на граѓаните и благосостојбата на идните генерации.