Македонија
Стојаноски: Со буџетот за 2025 година издвоен рекорден износ за капитални инвестиции, а Македонија ќе биде претворена во градилиште

Во текот на наредните десетина денови Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува првиот Буџет на новата Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Во текот на овие неколку месеци направивме огромни напори да ја консолидираме државата со оглед на состојбата која ја затекнавме во делот на инфраструктурата, здравството, енергетиката, безбедноста, јавната администрација и буквално секој еден сегмент од централната власт, истакна на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Со Буџетот, нагласи тој, се предвидени значителни средства за покачување на плати во вкупен износ од 10 милијарди денари повисоко отколку во 2024 година, а особено кај помошниот здравствен персонал, образованието во сите степени, од основно до високо образование, но пред се почитувајќи ги превземените обврски согласно потпишаните колективни договори.
Покрај зголемувањето на платите, како што информира, со буџетот е предвидено и второто зголемување на пензиите почнувајќи од март за над 330 илјади пензионери во износ од 2.500 денари. Со ова го исполнуваме предизборното ветување за раст на пензиите за 5.000 денари линеарно за секој пензионер во првата година од мандатот.
„Со Буџетот за 2025 година издвоени се рекорден износ за капитални инвестиции, а Македонија ќе биде претворена во градилиште. Ќе реализираме огромни инфраструктурни проекти во патна и енергетска инфраструктура, но и ќе дадеме нови 250 милиони евра за општините за граѓаните одблиску да ги видат придобивките. Секако предвидовме и поддршка за домашниот приватен сектор со вбризгување на 250 милиони евра по најповолни услови. Со овие средства се очекува трансформација на приватниот сектор и драстично зголемување на конкурентноста и продуктивноста што ќе доведе до подобар пласман на македонските производи на странските пазари.
Нема веќе двоцифрена стапка на инфлација. Во 2025 година се враќаме на нормални стапки. Според проекциите инфлацијата ќе биде на ниво од 2,2%, пред се како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи. Ќе воведеме новогодишен пакет на прехранбени производи, а според најавите од Владата ќе има такви мерки и во други различни периоди од годината.
Забрзување на економскиот раст на економијата е од суштинско значење. Владеењето на СДСМ беше одбележано со низок раст од 1,6%, период во кој нашите соседи остварија двојно повисоки стапки на раст. Ќе работиме напорно за да ја раздвижиме македонската економија. Во 2025 година економскиот раст се очекува да биде 3,7% во услови на значителен раст на инвестиции во јавниот и приватниот сектор, солидно зголемување на потрошувачката и закрепнување на надворешната побарувачка.
Стапката на невработеност паѓа и прашање на време е кога во текот на овој мандат ќе биде под 10%. Предвидувањата се дека во 2025 година ќе има раст на бројот на вработени како резултат на зголемување на капацитетот на постојните и прилив на нови странски инвестиции, активни мерки и програми за вработување, како и поддршката за домашните фирми за отворање на нови работни места.
Во текот на следните денови ќе ги вкрстиме аргументите со опозицијата за тоа што се предвидува со Буџетот за 2025 година и зошто кога тие беа до вчера на власт не ги спроведоа работите што сега амандмански ги бараат. Во опозициските редови има 10тина министри кои можеа во изминатите години да направат нешто за доброто на сите нас, но тие избраа криминал, корупција и лично богатење и затоа се таму каде што ги пратија граѓаните, во опозиција’, кажа Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).