Македонија
Мицкоски: Со измените на Кривичниот законик СДС и ДУИ создадоа можност да се амнестираат самите
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека правосудниот систем во земјава е во одреден дел контаминиран од страна на поранешната влада на СДС и ДУИ, особено во делот на измените на Кривичниот законик. Според него, некои лица од претходната власт можат да се повикуваат на поповолни закони, што како што вели тој, е најголемиот проблем, затоа што создале правна основа за сопствена амнестија.
„Генерално луѓето во правосудството се чесни луѓе. Има еден мал дел, којшто е контаминиран, и којшто за жал го контаминира целиот систем. Тоа се најчесто партиски послушници, коишто се рецидив на поранешната влада на СДСМ и ДУИ и коишто жестоко се борат за тие коишто ги поддржале да добијат некаква бенефиција, позиција итн“, изјави Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, постојат два клучни моменти кои што влијаеле на распадот на правдата, од кои првиот е изборот на судиите во парламентот, во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во парламентарна опозиција, а вториот е измените во Кривичниот законик што ги донесе владата на СДС и ДУИ.
„Првото е оној избор на судии во парламентот, кога се бираа судиите во парламентот кога ВМРО-ДПМНЕ беше во парламентарна опозиција, мислам дека беше во 1996 година. И второто е сега, кога владата на СДСМ и ДУИ пред одење практично ги донесе измените во Кривичниот законик и кога избриша еден добар дел од членот 353 тој фамозен член 353, поради две причини“, рече Мицкоски и додаде:
„Првата е за да се амнестираат себе си и втората причина е, на тој начин мислеа дека ќе амнестираат некого, којшто ќе може во тоа време да нанесе штета на тогаш најсилната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Успеаја во првиот дел од својата намера, во вториот дел не успеаја. ВМРО-ДПМНЕ денеска е поголема од сите политички партии заедно“.
Мицкоски истакна дека сите оние од претходната влада на СДС и ДУИ, секогаш ќе се повикуваат на поповолниот закон.
„Тие секогаш ќе се повикуваат на поповолниот за нив закон,а за нив поповолен закон е овој моменталниот сега, кога е избришан членот 353 став 5 кога други делови од Кривичниот законик се избришани. Секогаш ќе се повикуваат на тоа, без разлика ние од сега натаму каков закон ќе донесеме, и од сега натаму какви измени ќе направиме. Сите оние од претходната влада кога ќе дојдат на судско рочиште ќе речат се повикувам јас на законот кој што беше од тогаш до тогаш, бидејќи тоа е во тоа време. И тука е најголемиот проблем“, посочи Мицкоски, во интервјуто за „Алфа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

