Македонија
Мицкоски со отворено писмо до Заев: Власта се плаши од слободни и фер избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку својот фејсбук-профил упати отворено писмо до премиерот на Владата, Зоран Заев.
Во писмото, Мицкоски наведува дека паднале маските и се покажало вистинското лице на власта. Тој вели дека СДСМ, преку неприфаќањето на предлогот за независно обвинителство, се ставил во улога на заштитник и промотор на криминалот.
„Преку неприфаќањето на предлогот и неговото молчење за формирање независно обвинителство што ќе се бори против криминалот одбра да се стави во улога на заштитник и промотор на криминалот, неправдата и беззаконието во оваа држава. Дополнително со тоа покажа дека борбата против криминалот е само фарса за оваа власт и дека токму таа кумува со сите криминални процеси во државата“, нагласува Мицкоски во отвореното писмо.
Понатаму, додава дека Заев не се откажува од штетниот договор и не ја почитува волјата на граѓаните кои го отфрлија договорот на референдум.
Договорот преку кој Заев сака да ги прекрсти на сила државата и народот, вели Мицкоски, е последната сламка за спас на неговата кариера и неуспешен обид да избега од одговорност за сите афери и скандали.
„Нема друга држава во светот каде што премиерот отворено си кажува дека нема да ја почитува волјата на мнозинството граѓани и јавно кажува дека поисплатливи му се јаловите обиди за условување и уцена на пратеници. Тоа нема да помине“, порача Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборува и за изборите, критикувајќи ја власта дека се плаши од слободни, фер и демократски избори.
„Со отфрлањето на предлогот што го дадов, Заев и власта покажаа дека се плашат од слободни, фер и демократски избори, затоа што знаат дека на тие избори народот ќе си дојде по своето и ќе бидат жестоко поразени, како што беа и на референдумот што помина. Затоа би порачал уште еднаш да размисли власта и премиерот, затоа што не е сеедно кој на чија страна бил. Јас веќе одбрав, со народот, на страна на правдата и нашата Македонија“, нагласува Мицкоски во отвореното писмо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.