Македонија
Мицкоски: Трите барања на Петков се порадикални од тие на Каракачанов, не знам дали некој ќе го прифати ова

Трите барања на Петков се порадикални и од тие на Каракачанов, затоа што тој вели Декларацијата од парламентот која ако ја погледнете е асимилаторска и хегемонистичка, потоа Бугарите во Уставот и на крај вели Договорот за добрососедство, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски истакна дека нема некој нормален кој ќе ги прифати овие барања на Петков кој со ултра радикален национализам само се обидува да опстане на власт во Бугарија.
– Јас не знам кој нормален во Македонија тоа ќе го прифати. Не знам дали има таков човек, па дури и овие за кои мислиме дека се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, дури ни тие не може да го прифатат. Ова што го гледам сега е обид на Петков да ја одржи каква таква коалицијата во Бугарија со ултра радикален национализам, се гледа дека човекот политички лута. Од либерал кој ни се претставуваше тука дека има отворени сфаќања дека ја гледа европската перспектива до сега ултра тврди националистички барања, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека тие барања на Петков се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ и дека потребни се гаранции од Бугарија дека нема да има отворени прашања, но и да се поништи декларацијата изгласана во бугарскиот парламент.
– Додека не видиме гаранции на маса со кои се поништува резолуцијата од ноември 2019 година и исто како во 2008 година кога владата на Борисов бараше од владата на ВМРО-ДПМНЕ тогаш да напише на писмено дека нема отворени прашања за што владата на Борисов се сложи. Исто како кога Македонија влегуваше во НАТО, кога владата на Борисов велеше дека нема отворени прашања, таков еден документ треба да издадат за има основа да дискутираме за се останато, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека се дотогаш нема поента на тие преговори, односно дека после оваа изјава не гледа причина зошто преговараме со Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маричиќ: Достоинствено ќе чекориме на патот кон полноправно членство на ЕУ

Нашата Влада направи сериозни напори и во изминатите години но особено во овој состав во изминатите неколку месеци на повеќе нивоа, да разговара отворено, искрено со Бугарија за да ги исполниме нашите надворешно политички цели, изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„ Нашата цел е пристапување во членство во ЕУ но секако во исто време заштита на нашите интереси во смисла на јазик, идентитет и започнување на преговори како процес кој ќе биде одржлив и партнер кој ќе можеме да го имплементираме на тој начин што ќе доведе до членство, одговори Маричиќ на новинарско прашање.
Тој смета дека во задачата којашто му е дадена од Владата e важно да се грижи за овие интереси и да работи за тоа и дека не можат ниту да се откажат од патот кон ЕУ, затоа што тоа е утврдено уште при нашата независност, но исто така не можат да се откажат од некои позиции кои се важни за секоја држава.
„ Заштитата на јазикот и идентитетот, за секоја држава е важно достоинствено да чекори кон патот на ЕУ, секако имајќи ги предвид добрососедските односи како битен критериум којшто ни е ставен во рамката, односно во критериумите за пристапување“, рече Маричиќ.
На прашањето во однос на цензурата, која се споменува во францускиот предлог, вицепремиерот истакна дека ние имаме законодавство кое приближно е усогласено со ЕУ, и за говор на омраза и за сè што важи за ограничување на слободата на говор.
„ Било што да се спроведува, би се спроведувало во рамките на нашето законодавство и преку нашите институции. Ниту министерствата се надлежни за тоа ниту пак може да го гонат. Целта на отворање на темата за говор на омраза е системски да се воспостават механизми за борба со говорот на омраза кон сите па вклучувајќи ги и Бугарите, истакна Маричиќ.
Маричиќ уште еднаш потврди дека во моментот кога ќе имаат каков било официјален предлог, тој секако ќе биде доставен на разгледување и во Владата и кај коалициските партнери во Владата и се разбира во некоја форма ќе биде консултирано и Собранието и комисијата за надворешни работи во секој случај.
Македонија
Утре сончево и топло време, попладне нестаблно со пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб северозападен, а во западните делови умерен западен ветер. Попладне и во вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени. УВ=7
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Доцна попладне и во вечерните часови во делови од котлината ќе има повремен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Во вториот ден од викендот ќе се задржи сончево и топло време, а во попладневните и вечерните часови ќе има појава на локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Од понеделник ќе има стабилизирање на времето со благ пораст на дневните температури.
Македонија
Утре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека на 25.6.2022 година (сабота), поради одржувањето на Парадата на гордоста, ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците во централното градско подрачје на Скопје.
За време на движењето (по потреба) за сообраќај ќе бидат затворени улиците 11 Октомври, Димитрие Чуповски, Васил Главинов, булеварот ВМРО, булеварот Илинден, улицата Аминта Трети“ и улицата 1732.
МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.