Македонија
Мицкоски: Царинската управа е значаен сегмент и столб за стабилноста на државата во борбата против криминалот и корупцијата

Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија. И затоа, ќе ја имаат мојата поддршка, но очекувам исклучително сериозни резултати. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Тоа треба сите да го знаат. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Ако мислат дека имаат право да работат надвор од законот, само затоа што се дел од овој систем, се лажат. Жестоко ќе бидат казнети. Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. На сите треба да им биде јасно. Додека јас ја предводам владата, ова е принципот на работа. Тој ден кога јас нема да ја предводам владата, можат да работат како што мислат дека треба. Доколку на некој не му се допаѓа овој принцип, слободно може да си побара друга работа или да си бара друго чаре што би рекле наште поискусни. Законот мора да важи за секого. И повторувам, нема политичка, етничка или верска припадност. Законот мора да важи на целата територија за секој. Секој кој ќе биде фатен, без разлика дали е од Дебар или Делчево, Куманово или Гевгелија, јас лично ви гарантирам дека ќе биде изведен пред лицето на правдата. Никој нема право да го краде народот“, посочи Мицкоски и додаде:
„Нема право никој да ја краде државата нема никој право да нанесува штета на иднината на оние кои што треба нас да не наследат. Затоа јас уште еднаш и на Бобан и на тимот но и на луѓето вработени овдека во Царинската управа им честитам за резултатите што ги постигнаа во јули иако можете да видите од бројките дека тоа не е баш така како што кажува опозицијата, но морам да кажам дека тоа не е доволно и дека очекувам уште пожестока борба со оние корумпирани сегменти, малку се тие, од прилика ги имаме лоцирано тука во Царинската управа, борба со нив се додека правдата целосно не биде задоволена.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.