Македонија
Мицкоски: Ќе зборувам за економијата сѐ додека не им падне срам и жал за сите лаги кои ги изнакажаа
Повеќе од 19 месеци се централна влада во Република Македонија и повеќе од една година се локално раководство во најголемиот дел од градовите на нашата татковина. Што ни се случи изминативе скоро 19 месеци централна власт и повеќе од 1 година локална власт? Црнила и темнина – вака го почна својот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Протестниот марш, кој опозициската партија го одржа во Велес.
„Многу луѓе ме прашуваат зошто зборуваш за економијата. Ќе зборувам за економијата се додека не им падне срам и додека не им биде жал за сите лаги кои ги изнакажаа ширум Македонија за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година и локалните избори во 2017. За сите ветувања кои што не ги исполнија и за сите очекувања кои што не ги реализираа, се дотогаш ќе зборувам за економијата. Затоа што ако имаме силна економија ќе немаме ваква недостоинствена и криминална влада и ќе немаме ваков премиер аболиран кои што сите ние го гледавме и слушавме како бараше евро за него, евро за црквата“, рече Мицкоски во обраќањето пред присутните симпатизери.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на своите политички ривали им порача дека, како што рече, измамениот народ ќе им врати на следните претседателски избори.
„На нас, на нас ни е неопходна победа и ве повикувам сите вас да застанете до предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, за да може да победи и да може да си ја одбраниме Македонија и тоа што остана од нејзе, а другото што го загубивме да си го вратиме. Затоа ве молам и барам поддршка од името на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Подобра Македонија“, посочи тој.
Потоа Мицкоски повторно се наврати на економијата, затоа што, како што кажа, економски силна држава е достоинствена држава.
„Ветуваа 5 проценти раст на БДП, кога целиот регион книжи двојно поголеми стапки на раст од нашиот, они се горди и велат еве со нашата пиши-бриши економија успеавме да покачиме во еден квартал 3 проценти. Зарем тука завршија сите ветувања од 5 проценти. Но, она што е полошо допрва доаѓа, а тоа ќе се случи во 2019 година и не го зборувам ова за да поткревам паника меѓу граѓаните, туку да предупредам на сите црнила и темнини кои што допрва ни доаѓаат. Не за бадијала ги зголемуваат даноците, затоа што се свесни дека не можат да ја зголемат економијата со проекти, визија и структурни реформи“, рече лидерот на опозициската партија.

Мицкоски истакна дека даноците кои Владата планира да ги зголеми немаат цел да земат од богатите за да им дадат на сиромашните.
„Не е тоа целта на овие даноци. Целта е да ги осиромашат и земјоделците да ги осиромашат и оние граѓани кои издаваат определени недвижнини, оние граѓани кои што играат игри на среќа и се обложуваат, оние граѓани кои што работат како договорци на дело, затоа што персоналниот данок го зголемија и затоа што удираат директно по џебот на граѓаните и ќе ги осиромашат“, подвлече тој.
Во своето обраќање зборуваше и за здравството.
„Зборуваа 100.000 денари за докторите, а едвај им ги зголемија платите за 500-600 денари месечно линеарно, па сега веднаш поитаа и тие скромни 500-600 денари да им ги земат, им го покачија паркингот на докторите во Скопје и веднаш наместо 500, 600 денари зголемување, оп 850 покачување. Скоро 19 месеци шајка не заковаа во здравствените домови ширум Македонија. Шајка не заковаа, не можат да го искречат и тоа што некој го изградил, а луѓето умираат пред да добијат здравствена нега пред портата на болниците“, кажа Мицкоски.
„Удрија и на земјоделците. Ги лажеа, викаа и урлаа ширум Македонија, кога ќе дошле они само да си отишол режимот, ќе дошле они и ќе има загарантиран откуп на земјоделските производите и загарантиран пласман. Не само што тоа не се случи туку гледаме како на буниште се истура родот на земјоделците кој што со мака е направен. Гледаме каде завршуваат и јаболките и сливите и пченицата и бостанот и зелките, на буниште. Е токму поради оваа лага и токму поради оваа манипулација граѓаните и земјоделците ќе ви го покажат вистинското место кога ќе дојдат следните избори, а тоа е на темната страна на историјата и право на буниште, од првиот Зоран Заев до последниот, а тоа е министерот за земјоделие“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски одговори и на обвинувањата од СДСМ и рече дека неговата партија е антизападна онолку колку што е Зоран Заев чесен политичар и додаде дека нема да престанат да зборуваат за неправдите на плоштадите и по улиците.
„Вие не враќате во времето на едноумието, кога луѓето не смеат да кажат нешто што вам и на вашиот афрички монарх аболицираниот политичар Зоран Заев нема да му се допадне и на неговите поданици ширум Македонија и тогаш луѓето ги собирате на информативен разговор. Па Ранковиќ вака не правел во 40-тите години на минатиот век. Зарем таа Европска Македонија или добивме наместо Европска Македонија на ветување афрички монарх кој што ќе го поразиме на следните избори и ќе го казниме за сето ова што и го прави на Македонија“, рече Мицкоски.
Тој во Велес се осврна и на бараниот политички дуел со премиерот Зоран Заев и го повика да се охрабри и да излезе на телевизија.
„Го повикав јас и тој, како претседател на владата и претседател на најголемата политичка партија во Република Македонија и најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, да застанеме еден спроти друг, да се погледаме очи во очи и да си кажеме за сето она што не можеме да си кажеме ширум плоштадите. Ама ќе збориме и за пљачката, криминалот за националното опустошување, за јазикот за македонската нација за криминалот што го правиш со твојата фамилија. И тоа јас и ти пред народот и граѓаните на Република Македонија па они нека судат и нека пресудуваат дали јас ја зборувам вистината или ти ја зборуваш вистината“, кажа Мицкоски.

На крајот од обраќањето во Велес, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати неколку барања до власта.
„Прво, бараме Оливер Спасовски веднаш, нека го посоветува тој кој што застана рамо до рамо со него, знае тој кој е веднаш ќе се препознае веднаш да замине, нека не ја повторува неговата грешка веднаш да замине ради сите нерасчистени убиства ради сиот криминал, ради црниот Вотергејт и затоа мора веднаш да замине и да поднесе неотповклива оставка. Како второ неотповиклива оставка од министерот за надворешни работи поради тоа што човекот се срами од сопствената според него искомплексирана нација. Трето, да престане економското опустошување на Македонија. Веднаш да биде повлечен предлогот за зголемување на даноците во Република Македонија. Четврто, да се почитува волјата на граѓаните јасно искажана на 30-ти септември за време на референдумот. Петто, да се формира комисија која што ќе ги истражи анализира и преслуша сите разговори снимени од аферата црниот Вотергејт на Зоран Заев и Оливер Спасовски кога повеќе од 2 години биле слушани обвинители судии да не им избегаат од нарачаните судски пресуди и судски одлуки. Шесто, вистинска грижа за здравјето на граѓаните. Веднаш и безусловно продолжување на проектот за гасификација. Не да кратите пари од гасификацијата и да ги пренаменувате во општини каде што вашите градоначалници и градоначалниците од коалиционите партнери ги опљачкале и ги опустошиле додека биле градоначалници“, рече претседателот на опозициската партија, наведувајќи ги барањата.
Мицкоски обраќањето во Велес го заврши со стихови од поетот Коста Солев Рацин роден во овој град. Тој рецитираше дел од поемата „Копачите“, завршувајќи со стихот „силно светнал ден“.
„Е така ќе светне денот кога зората ќе го победи теминлото. Кога зората ќе ги победи црнилата. До тогаш нашите емоции ќе одат нагоре, до тогаш нашиот мотив ќе расте и нашата бројка ќе биде се поголема“, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Светна новогодишната елка! Отворен и Божиќниот маркет во Скопје
Во Скопје вечерва светна новогодишната елка и официјално беше отворен Божиќниот маркет, со што симболично беше означен почетокот на празничната магија во главниот град.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, им се заблагодари на скопјани, особено на најмладите, за масовното присуство, радоста и позитивната енергија што, како што наведе, заеднички ја споделиле на настанот.
„По години сивило, Скопје повторно блесна“, порача Ѓоргиевски, додавајќи дека со оваа церемонија градот направил значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку создавање настани што носат заедништво и радост за сите генерации.
Градоначалникот оцени дека оваа вечер ќе остане запишана и ќе прерасне во убава традиција, упатувајќи благодарност до сите граѓани што со своето присуство ја направиле ноќта посебна.
„Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, порача Ѓоргиевски.
Со свеченото украсување и отворањето на Божиќниот маркет, Скопје официјално влезе во празничниот период. Ѓоргиевски претходно денес најави повеќе настани во таа насока.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.

