Македонија
Мицкоски: 18 милиони евра се предвидени за реновирање на студентските домови, 250 евра за дигитални уреди и поддршка за бизнис

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска при посета на поставување камен темелник на изградба на нова детска градинка во Општина Ѓорче Петров, одговарајќи на новинарско прашање за што прави Владата за младите одговори дека младите се во фокусот на Владата како и сите останати граѓани на Македонија.
„Младите се во фокусот на Владата, впрочем сите се во фокусот на владата, но и младите. Ќе ве потсетам дека во моментот интензивно се работи на реновирање на студентските домови, некаде околу 18 милиони евра има тука инвестиција, во буџетот се предвидени оние 250 евра за дигитални уреди коишто ќе ги користат сите студенти на сите универзитети коишто веќе се планирани во буџетот“, посочи премиерот.
Претседателот на Владата Мицкоски додаде дека се планирани пари за поддршка на нови бизниси на младите и ги охрабри младите да се борат за да успеат.
„Тука се планирани оние 10 милиони евра коишто треба да бидат во форма на грант за старт ап бизниси на младите и уште многу други проекти, млади специјализанти итн., нешто што досега беше незамисливо за претходните влади, ние тоа го правиме и го овозможуваме и ги охрабрувам младите да влезат во борба со животот затоа што само така можеме заеднички да успееме како општество, животот е борба, дневно се бориме за да успееме, секој ден е нов предизвик, секој ден тој предизвик треба да го совладаме, ништо не паѓа од небо готово за се мора да се бориме и да го заслужиме“, посочи премиерот Мицкоски и додаде дека се на што се работи сега ќе остане за младите во иднина.
„Ние сме тука да помогнеме и да работиме да го оставиме тоа коешто го работиме на младите, бидејќи на нив останува иднината, а ние како Влада ќе сториме сешто можеме да им оставиме подостојна и попристојна иднина“, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.