Македонија
Мијалков: Мицкоски може да лаже колку сака, но вината за поразот е каj него
Ексдиректорот на УБК и поранешен партиски функционер Сашо Мијалков го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека преку медиумите шири лаги за него и му порача да го искористи времето додека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, е на одмор, за да ги убеди партиите на Албанците да коалицираат со него.
Реакцијата на Мијалков доаѓа откако Мицкоски во телевизиско гостување посочи дека ексдиректорот на УБК одработува за Заев, а пак, поради тоа, судии не закажувале судски рочишта за него.
Мијалков повторно посочи дека Мицкоски не заслужува да е лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мицкоски несериозно целото свое внимание и вниманието на медиумите блиски до него го насочува во објавување лаги за мене, меѓу многуте и една голема, дека некој судија заборавил да закаже рочиште. Не заборавил никој, туку поротник замина во пензија и според законот за к.п. постапката се враќа од почеток, процес на кој не може ниту јас, ниту кој било политичар да влијае. Три години не сум во раководните структури на партијата. Не учествував во изготвување на програмата, а уште помалку во изборот на кадровските решенија. Мицкоски може да лаже колку сака, но вината за поразот е каj него“, напиша Мијалков на социјалните мрежи.
Мијалков му порача на Мицкоски дека одработува за Заев и со тоа што медиумскиот простор го троши за пресметка со сопартијци наместо да составува влада.
„Пред изборите слушнавме десетици обвинувања за криминал со хидроцентралите, за сомнителни исплати од ЕЛЕМ, за незаконско финансирање на кампањата, за сомнителни договори за локалните избори во Охрид, па дури и за непотизам при вработувањето на факултет. Сепак нема кривична постапка за ниту еден предмет, а уште помалку притвор за Мицкоски. Малку е чудно што Мицкоски обвинуваше дека Заев го контролирал судството и обвинителството, а сега за него нема ни притвор, ни пријава. Затоа легитимно се поставува прашањето дали цената на амнестијата на Мицкоски е губење на изборите и уште колку избори Мицкоски треба да загуби?“, додава Мијалков.
Тој смета дека доколку Мицкоски му дозволи на Заев да ја направи новата влада и не успее да испреговара поинакво мнозинство, дефинитивно треба да си замине и да ја ослободи партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

