Македонија
Мијалков преку жалба до апелација ќе си ја бара слободата, новиот притвор бил поради контакти со странски служби

Сашо Мијалков бара да биде ослободен од притвор преку нова жалба до Кривичниот совет на апелација. Ова доаѓа откако вчера од второстепениот суд му беше укинат притворот за случајот „Трезор“, а по неколку часа, првостепениот суд му одреди нов притвор од триесет дена за случајот „Плацови на Водно“, за кој е осуден.
Адвокатот Петар Василев, кој го застапува Мијалков, посочува дека неговиот клиент не бил повикан да се произнесе за предложениот притвор и тоа го опиша како немање доблест на судот бидејќи иако го одобриле, предлогот бил неоснован и непотребен.
„Во овој контекст се создава неконзистентна правна пракса. Не може ставот на повисок суд да не биде ценет од понизок суд. Тоа е спротивно на Европската конвенција за човекови права. Ќе ги преземеме сите правни мерки за оваа работа да ја истераме на чистина. По повод жалбата што е поднесена денеска, убедени сме дека апелација ќе остане на својот став бидејќи по предлогот на јавниот обвинител, апсолвирани се прашањата за бегството, недостапноста и во врска со тоа дека поради тоа што Милјаков имал голем имот во Македонија и надвор од неа, можел да се даде во бегство. Имотот што е влезен во гаранцијата што е запишана и правосилна, каде што се обезбедуваат плати и придонеси на повеќе од 350 вработени и семејства, судот го цени како можност за бегство, а не како можност дека токму поради тој бизнис нема ниту намера да се даде во бегство“, рече Петар Василев.
Адвокатот Sвонко Давидовиќ вели дека сега кон Мијалков се применети сите мерки за обезбедување присуство – притвор, гаранција, повремено пријавување во судот, одземена патна исправа. Тој вели дека имотот на Мијалков ќе остане под хипотека затоа што решението на апелација не може да се укине.
„Мијалков беше држен во притвор неколку часа, без да има активна мерка. Во 14 часот беше впишана гаранцијата во Агенцијата за катастар, а во 21 часот беше донесено новото решение на Кривичниот суд, во кое стои дека поради контакти со странски разузнавачи и особено со израелската тајна служба, постои опасност од бегство. Некако Кривичниот суд посочува странска држава и служба дека може да учествува во кривично дело. Нема доказ за контакти“, рече Давидовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) ДЗС: Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува

Борбата против огнот во ловиштето Јасен продолжува. Од земја дејствуваат припадници на специјалните единици на Армијата и Полицијата заедно со екипи на ЈП Јасен. Од воздух дејствуваат еден ер трактор на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Од таму велат дека една линија на пожарот која се протегала исклучително стрмно над асфалтираниот пат кој низ ловиштето Јасен води од Скопје кон езерото Козјак, е успешно изгасната од страна на армиските Волци со што е спасена поголема површина зимзелена шума.
Од ДЗ напоменуваат дека борбата со огнот на моменти е ризична поради што се уште не може да се воспостави контрола над овој шумски пожар кој се одвива на екстремно тежок терен.
Во врска со останатите пожари, ДЗС информира дека пожарот над с. Свиларе е целосно изгаснат додека пожарот на територијата на с. Радуша се уште е активен и се движи кон општина Јегуновце.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Новото раководство во Еразмус е во целосна координација со канцеларијата на ЕУ

СДС нека провери во своите редови пред да зборува следен пат, Лидија Димова беше разрешена од Агенцијата заради злоупотреба на финансиски средства, не постои институција во која СДС нема направено криминал, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во врска со обвинувањата од СДСМ за новото раководство на „Еразмус“.
„Актуелното решение е во целосна координација со канцеларијата на Европската Унија. Истите забелешки, СДС нека ги сподели и со канцеларијата на ЕУ. Во меѓувреме, пред да излезат со прес-конференции и соопштенија, СДС прво да си го погледнат својот двор. Впрочем, нивниот „двор’’ е полн со луѓе кои обавувале јавни функции и скоро па да нема некој кој не бил поврзан со некаков сомнеж или сторен криминал. Таков случај беше и оној, кога Лидија Димова како директорка на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, ја злоупотребила службената положба и проневерила заедно со уште две лица, околу 20 милиони денари. Димова предизвикала шета на други средства во државата со кои управува Европската заедница во вкупен износ од околу 20 милиони денари, со коишто Димова направиле две кривични дела. За конкретниот случај, таа беше и обвинета од страна на ОЈО ГОКК.
Да потсетиме, тогашниот премиер Заев ја присили Димова да не ја поднесува пријавата за сторен криминал од 2,2 милиони евра, кој потоа Европската заедница си ги бараше назад. Овие пари завршиле кај исти луѓе и тендерите ги добиле исти две фирми поврзани со овие луѓе. Оваа мрежа имала своја логистика во Националната агенција, а првопријавеното лице и во кабинетот на премиерот, како близок пријател на еден од националните координатори во Владата.
Затоа, СДС нека си ги проверува своите редови и криминалите што ги има направено. Знаеме дека се многу и понекогаш можеби ги забораваат, но затоа тука сме ние да ги потсетиме и да го повикаме ЈО да си ја извршува работата“ пишува во реакцијата.
Македонија
ЗНМ и ССНМ бараат итна проверка на околностите со случајот со новинарите во Демир Хисар

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост поради начинoт на постапување на полициски службеници кон новинари од пелагонискиот регион.
„Случајот за кој веќе испративме официјален допис до Министерството за внатрешни работи, се однесува на известување за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пристапиле на новинарите додека тие известувале од настан од висок јавен интерес, барајќи нивно легитимирање, иако било очигледно дека се работи за медиумски работници со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина – двор на училиште. Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи“, соопштија ЗНМ и ССНМ.
Од таму велат дека во дописот до МВР бараат итна и сеопфатна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид постапување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги пречекориле своите овластувања.
„Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информира за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземе соодветни мерки против одговорните службеници“, се наведува во заедничкото соопштение.