Македонија
МНР: Ги отфрламе сите тенденциозни обвинувања за набавката за реконструкција на салата „Борис Трајковски“

Ги отфрламе сите тенденциозни обвинувања за набавката за реконструкција на салата „Борис Трајковски“, се огласија преку официјално соопштение од МНР.
„Како тенденциозни и крајно шпекулативни ги оценуваме сите тврдења и обвинувања за наводно политичко влијание или било каква форма на нерегуларност во изборот на компанија за реконструкција на салата „Борис Трајковски“. Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, Министерството за надворешни работи ги споделува понудите од четирите понудувачи на јавната набавка за реконструкција и надградба на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ за потребите на конференцијата на ОБСЕ“, се додава во информацијата.
Потенцираат дека станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој ќе се одржува во Скопје на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи од регионот на ОБСЕ и повеќе од 1000 гости.
„Заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот, условот за избор на најповолен понудувач беше најсниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:
Еуровиа – 93.746.070 ден. (избран понудувач)
Второрангирана – 120.668.981 ден.
Треторангирана – 134.015.461 ден.
Четврторангирана – 374.353.297 ден.
Министеерството ниту смее ниту е правно издржано да отфрли понуда која според критериумите е најповолна. Одговорно тврдиме дека не постои никакво влијание ниту нерегуларност во изборот на компанијата што е потврдено до второстепена комисија. Сите институции се добредојдени да го анализираат изборот како и спровдувањето на постапката која ќе биде по највисоките стандарди на ОБСЕ.
Уште еднаш сакаме јасно да потенцираме дека, специфичните барања за изведба на работите и нивниот квалитет, како и потребата за истите се специфични барања на ОБСЕ согласно стандардите на организацијата за организација на вакви настани“, се подвлекува во напишаното од страна на МНР.
Многу значајно е да се потенцира како што велат, дека голем дел од инвестицијата останува понатаму на користење на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“.
Ова, според МНР значи дека покрај тоа што ќе имаме настан организиран по светски стандарди, државата го добива и реконструиран еден од најважните спортски објекти во Скопје.
„Оттаму, уште еднаш потенцираме дека целата постапка е изведена по врвни стандарди, притоа грижејќи се за економично управување со буџетот и избор на понудувач.
Апелираме до политичките чинители да не го злоупотребуваат овој настан и фрлаат дамка на нашето претседателство со ОБСЕ кое е оценето како едно од најуспешните а притоа е од огормно значење за етаблирање и промоција на државата во светски рамки. Министерството им стои на располагање на сите институции кои сакаат да добијат повеќе информации за процесот на избор на најповолен понудувач, но постапката и настанот не треба да бидат користени за дневна политика и манипулација кое наштетува на угледот на како на државата така и на ОБСЕ како организација“, истакнуваат од Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„На СДС и Филипче им премина во навика преку функционери да се закануваат, овој пат на новинари преку Костадинов“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Насилството, ароганцијата, заканите, јавното линчување на луѓе и говорот на омраза почнуваат да стануваат заштитен знак на СДС. Преку своите, и така малку функционери, во изминатиот период СДС демонстрира загрижувачки деликвентен однос казнив со закон“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како да не беше доволно насилството и заканите на нивниот советник во Советот на Општина Кочани, сега во исто сценарио влезе и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов кој јавно се заканува на новинари и повикува на освета.
Ова не може да биде случајност, тоа е сценарио на СДС и Венко Филипче да ги заплашат и замолчат новинарите, да не смеат да бидат критички кон нив.
Ова го потврдува и фактот што веќе втор ден ги нема ни СДС, ни Филипче збор да кажат и да го осудат ваквиот примитивен и нецивилизиран начин ка јавна комуникација на Костадинов, полна со закани и говор на омраза.
Костадинов упати продолжена закана по животот на новинарот, потенцирајќи дека врз него ќе биде извршена освета со тешки последици по неговиот живот.
„Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности.”, е порака која СДС и Филипче ја праќаат преку Костадинов со цел да внесе траен страв кај новинарот.
Тој понатаму додава, „Ова што го направи ќе го носиш како клетва. Ќе ти стои зад секоја реченица. Ќе те демне по секој агол. Ќе ти дојде кога најмалку очекуваш.”
Но, овој новинар не е цел сам по себе, ова е тактика на СДС и Филипче за заплашување на новинарите, кои имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
На оваа закана не смее да се молчи, затоа ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика.
А воедно, упатуваме апел до Јавното обвинителство да го повика Костадинов на распит за да го праша како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него.
Оваа закана не смее да помине и да остане неказнета.
Ако општеството и институциите потклекнат под оваа јавна закана на Костадинов се става во траен ризик од губење на сите до сега воспоставени законски стандарди и општествени норми“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Едноетничките патни табли на влезот во Струга уште една свесна провокација против Албанците“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција најостро го осудува поставувањето на еднојазични патни табли на влезот во Струга, чин што претставува директна и намерна провокација кон Албанците и вредностите на соживотот во државата“, велат од ДУИ.
„Кога Владата поставува патна сигнализација само на македонски јазик во град како Струга, тоа не може да се нарече техничка грешка. Тоа е јасна политичка порака. Провокација. Дел од една продолжена и системска стратегија на исклучување.
Исклучувањето на албанскиот јазик, игнорирањето на Албанците во институциите, негирањето на нивниот придонес и вредности станаа одлика на оваа моноетничка влада.
Се поставува прашањето: кому му служат овие постојани понижувања? Кој има интерес од зголемување на тензиите? И дали ова е цената што Владата ја плаќа за учеството во проектот „Српски свет“?
Секојдневно се преминуваат црвените линии. ДУИ бара итно отстранување на еднојазичните табли и нивно усогласување со Уставот и законите каде што албанскиот јазик е официјален и рамноправен.
Албанската заедница нема да молчи пред обидите за бришење на албанскиот јазик од јавниот простор“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје.