Македонија
МНР и МО за изјавата на Захарова: Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно

Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност, стои во заедничката изјава на Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана на изјавата на портпаролката на руското МНР Марија Захарова.
„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а пред сè во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега Владата на Република Северна Македонија донесе неколку одлуки за воено-техничка помош со кои ѝ помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција“, е потенцирано во пишаната информација.
„Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО-алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации“, нагласуваат од овие институции.
Од друга страна утрово во медиумите беше пренесена изјава на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, која кажала дека „Русија смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да ѝ донираат на Украина тенкови Т-72“.
„И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е ‘безопасна’ донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО, Скопје е вклучено во испораката на оружје а Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија“, кажала Захарова во изјавата објавена на веб-страницата на МНР на Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Костовски: Функционери на ВМРО-ДПМНЕ летуваат на луксузни локации а глумат загриженост за економскиот стандард

Функционерите на ВМРО-ДПМНЕ не се ништо освен лицемери и лажговци. Додека наводно се загрижени за економскиот стандард на граѓаните, високи функционери на оваа партија летуваат на луксузни локации, изјави на денешната прес-конференција, Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Тој истакна дека портпаролот Димче Арсовски кој на прес конференции глуми загрижен за економската состојба, својот летен одмор го минува во Монте Карло. Јавно објавени фотографии покажуваат дека тој заедно со сопругата се на плажата Ники во Монте Карло, монденско место на кое летува светскиот џет – сет. Колку е скапо ова задоволство на Арсовски покажува и менито во ресторанот на плажата, каде една порција оброк достигнува и до 98 евра.
Костовски наведе дека истовремено, Христијан Мицкоски летува во Црна Гора, во близина на Котор, каде според информациите едно ноќевање во вила чини и 1.000 евра.
Додека ја плашат јавноста со црни економски сценарија, функционери на ВМРО-ДПМНЕ трошат илјадници евра за одмор на луксузни локации. Вака ли ВМРО-ДПМНЕ го замислува протесното лето со кое ги лажеше граѓаните? Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, раскалашеност, безобразност и лицемерност, беа и останаа заштитен знак за партијата предводена од Христијан Мицкоски, изјави Костовски.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Новиот документ од Бугарија со понижувања за Македонија е резултатот на измеќарскиот менталитет на Владата на Ковачевски

Бугарија најавува нови пишани документи со нови обврски за Македонија, а Ковачевски мува не го лази. Ковачевски никаде го нема да објасни каков документ се подготвува во Софија и што значи тоа за Македонија. Ковачевски, Маричиќ и Османи говореа дека нема да има нови пречки и понижувања за Македонија, а само по еден месец, министерот за надворешни работи од Бугарија најавува документ со систематски пристап и јасно запишани задачи и одговорности за да може да се очекуваат и резултати. Ова е ново понижување за Македонија. Ова е нов дебакл за македонската дипломатија, изјави на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и експертите предупредуваа на ова кога говореа дека Ковачевски и Владата треба да бараат гаранции дека Бугарија нема да испорачува нови барања и услови за Македонија. Но, Ковачевски и Владата со својот измеќарски менталитет ги прифатија уцените и диктатите и затоа ја доведоа евроинтеграцијата во позиција или вечно да се преговара или да се спроведува асимилација преку постојани нови услови и барања од официјална Софија.
Петрушевски истакна дека овој нов документ, кој се подготвува во Софија и со кој ќе се обврзува Македонија, ќе биде основата на која ќе се оценува спроведувањето на барањата на Бугарија. Затоа го повторуваме ставот дека ваквата преговарачка рамка мора да биде консултирана со граѓаните. Затоа, Владата, наместо да се крие, треба да се соочи со народот и да даде одговори и одговорност за тоа што ја доведе Македонија во потчинета состојба.
Оваа Влада предводена од Ковачевски е продолжение на политиката на свиткан ‘рбет на Заев. Оваа Влада е најголемата штета за националните и за државните интереси. Оваа Влада стана најголемиот проблем и кочничар на Македонија. Оваа Влада, наместо да има јасен став и стратегија, се води од болната амбиција и кариеризмот на нејзините функционери, кои граѓаните скапо ги плаќаат. Оваа Влада мора да замине, изјави Петрушевски.
Македонија
На Табановце се чека до еден час, на Богородица за влез и излез се чека 30-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час. На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е 30-ина минути. На другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е отворен за сообраќај до 1.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Од 9.8.2022 до 20.8.2022, на патниот правец, раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238, поради изведување градежни работи (асфалтирање), сообраќајот ќе биде во прекин помеѓу 10 и 16 часот. Работите ќе се изведуваат само во работни денови.