Македонија
МНР: Наместо неаргументирани коментари, од Бугарија очекуваме европско однесување и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик
Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди, велат од МНР како одговор на бугарското МНР дека Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопje од Европскиот консензус од 2022 година.
„Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година. Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.
Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик.
На крај, потенцираме дека Република Северна Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

