Македонија
МНР: Потпишана нова рамка за соработка со Обединетите нации
Рамкaта за соработка на ОН 2026 – 2030 претставува клучен стратешки документ што ќе го води работењето на сите агенции на ОН во земјата во наредните пет години, соопшти МНР.
Инклузивен социјален и човечки развој; одржлива економија и достојна работа; отпорно и зелено општество и екосистеми; владеење на правото и добро управување. Ова се приоритетите на новата рамка за соработка за одржлив развој на Обединетите нации (UNSDCF) 2026 – 2030, што денес ја потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија.
„Рамката за соработка е клучен стратешки документ, кој го води работењето на сите агенции на ОН во земјата во наредните пет години. Документ на кој сите многу се гордееме! Сите активности предвидени во новиот рамковен договор за соработка се комплементарни и во функција на европската интеграција на нашата земја. Новата рамка за соработка е развиена во тесна соработка со Владата следејќи обемен консултативен процес со разни институции и организации, со што се потврдува инклузивноста на процесот. Нашата Влада ќе продолжи да работи блиску со ОН за постигнување поодржлив развој и ќе остане цврсто посветена на градење просперитетно и инклузивно општество создавајќи услови за посветла и поздравa иднина за сите наши граѓани“, истакна Муцунски.
Рамката за соработка на ОН претставува заедничка понуда на ОН во поддршка на националните развојни приоритети на Владата на Северна Македонија.
„Новиот договор за соработка е резултат на нашата заедничка визија со Владата, обликувана од вредни увиди од граѓанското општество, академската заедница и луѓето од секој агол на нашата заедница. Овој договор ја претставува нашата заедничка посветеност кон подобрување на животот на сите во земјата. Заедно утврдивме четири клучни приоритети, што се меѓусебно поврзани и дизајнирани да се поддржуваат. Овие приоритети се усогласени со Националната стратегија за развој и ја претставуваат обединетата заложба за напредок на одржливиот развој, без да се остави никој зад себе. ОН ќе работи рамо до рамо со народот на Северна Македонија за создавање посветла иднина за сите“, рече Рита Колумбија, постојан координатор на ОН.
Вкупно 15 агенции, програми и фондови на ОН (FAO, ILO, IOM, ITU, UNDP, UNECE, UNEP, UNFPA, UNHCR, UNICEF, UNIDO, UNOPS, UN Women, WHO) ја потпишаа рамката за соработка обврзувајќи се да ја поддржат и придонесат кон напредокот на земјата во постигнувањето на целите за одржлив развој во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

