Македонија
МНР: 30 македонски државјани досега го напуштиле Израел
Изминатите два дена 30 наши државјани го напуштија Израел, информираат од Министерството за надворешни работи.
Како што додаваат, преку разни транспортни канали уште десет наши државјани го напуштиле Израел, и тоа: четворица со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул, со што заедно со оние што претходно тоа го сторија вкупната бројка надмина 30 наши државјани.
Од таму велат дека нашата Амбасада во Тел Авив, во тесна координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни активно, работи на враќање на уште 100 наши државјани, кои побарале помош во напуштањето на Израел и кои во најголем дел се наоѓаат на безбедни локации.
„Дел од нив веќе има обезбедено билети преку редовните летови, кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив, кој е во целосна функција. Други се наоѓаат во подрачја што беа опфатени со насилните дејства и се сметаат за небезбедни за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде што би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа за чие извлекување е задолжена Амбасадата на Северна Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет.
Како што претходно објавивме, според процени на кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат до 200 наши државјани, од кои поголемиот дел е прецизно лоциран и редовно се одржува комуникација со нив сè до нивно враќање во Северна Македонија. Министерството за надворешни работи изготви информација за состојбите во Израел со проекција за наредните денови, која е доставена до Владата, која одлучува за наредните чекори.
Во меѓувреме, апелираме до нашите државјани во Израел да го следат националниот портал за итни случаеви (www.oref.org.il), односно т.н. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел“, велат од МНР.
Потсетуваат дека Министерството за надворешни работи на располагање ги има и двата СОС-дежурни телефона – 075/273 732 и 075/268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972 54 926 7378.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.