Македонија
Монтажната болница ќе прерасне во ургентен центар на Инфективната клиника

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер, и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, денеска ја посетија монтажната болница, поставена до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Монтажните модули се набавени и поставени со финансиска поддршка од швајцарската амбасада, со што во најкус временски рок се удвоени капацитeтите на Инфективната клиника.
„Монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје e поставена во рамките на мерките преземени против коронавирусот. Тоа беше реализирано во рекорден рок од 14 дена, иако рокот за изведба беше 21 ден. Таа ќе се користи како Ковид-центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат во согласност со нивната здравствена состојба“, изјави министерот Филипче и изрази огромна благодарност за досегашната успешна соработка со Амбасадата на Швајцарија и за континуираниот придонес за унапредување на здравствениот систем во нашата држава, особено во време на пандемија кога сите земји се соочуваат со низа предизвици.
Станува збор за корисна површина од повеќе од илјада квадратни метри, каде што се сместени простории за амбулантски и тријажен простор, како и други помошни простории, кои се функционално организирани во согласност со специфичните протоколи и патеки за движење на здравствениот кадар и на пациентите.
„Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. Солидарноста и одговорноста се клучен дел од нашата традиција врз која ја темелиме долгогодишната соработката со нашите партнери. Нашата развојна програма е флексибилна да одговори на вистинските потреби, особено во време на криза. Со големо внимание ги следиме случувањата во земјата и со задоволство прифативме да му помогнеме на Министерството за здравство во доопремувањето на модуларната болница со монтажни модули, кои во соработка со Министерството за локална самоуправа ги обезбедивме преку проектот ‘Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој’“, изјави амбасадорката Сибил Зутер.
Монтажната болница има капацитет од 72 легла, целата структура е поврзана со топла врска со зградата на Инфективната клиника, а во периодот што следува ќе биде доопремена и со потребната немедицинска опрема.
„Во согласност со моментната состојба за време на пандемијата на Ковид-19, Министерството за локална самоуправа заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка активно се вклучи во поддршка на Министерството за здравство и во неговите напори за справување со настанатата состојба во државава. За таа цел, излеговме во пресрет за потребите на капацитетите на Инфективната клиника преку Министерство за здравство со средства во висина од 260.000 швајцарски франци преку проектот ‘Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој’, наменети за поддршка на здравствениот систем. Денеска, извршивме увид и навистина сме задоволни од целокупната реализација на проектот“, вели Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.