Македонија
МОН: Наставниците се наш висок приоритет, нивните плати постојано ќе растат во следните четири години
Проектите кои се реализираат во рамки на Еразмус+ програмата и имаат за цел да го подобрат квалитетот на образованието преку подигнување на професионалните компетенции на наставниците, се многу значајни. Проектот „Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата“ е еден од нив. Изминатите 24 месеци, тој овозможи обука на искусни наставници како да ги менторираат своите помлади колеги за успешно вклучување во образовниот процес и да ги мотивираат да не се откажуваат по кус период поминат во училница.
Ова го нагласи Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, на завршната конференција на Проектот, што ја организираше СОНК, со учество на партнерските организации од Белгија, Бугарија и Словенија.
„Мотивирањето на младите наставници е особено важно во период кога наставничката професија, за жал, го нема потребниот дигнитет и не е соодветно почитувана. Со овој предизвик се соочуваат многу земји, вклучително и нашата Македонија. Но, како релативно нова Влада, не гаиме само илузии дека ќе биде подобро, туку од самиот почеток на мандатот почнавме интензивно да делуваме за да создадеме подобри услови за работа на наставниците и да обезбедиме повисоки плати, за да ја подигнеме мотивацијата на вработените во образованието“, рече Ивановска.
Изрази задоволство што Министерството и СОНК постигнаа договор за обезбедување долгорочна економска сигурност на наставниот кадар и за етапно зголемување на платите, што за 4 години ќе изнесува најмалку 46%, а најмногу 60%, зависно од степенот на инфлација.
„Со зголемувањето на платите на наставниците почнавме годинава, иако државниот буџет не беше во добра кондиција. Сепак, наставниците се наш висок приоритет и најдовме начин да го исполниме ветувањето“, посочи Ивановска.
Министерството за образование и наука, за да ги подобри условите за работа на наставниците, реализира 36 покрупни инфраструктурни инвестиции и 40-тина помали реконструктивни зафати во училишните објекти. Дел од училиштата се опремуваат со нови клупи и столчиња, а во периодот што следи, ќе се подобри и информатичко – комуникациската инфраструктура во објектите, лабораториските и кабинетските услови и друго.
„Имаме план, и добро е што Владата одлучува нам како министерство да ни даде значително поголем буџет за следната година, споредбено со буџетите кои институцијата ги добиваше досега. Добиваме 10 милијарди денари повеќе и буџетот ќе изнесува 40 милијарди денари, со кои ќе се подобруваат сите аспекти кои го детерминираат квалитетот на националниот образовен систем“, додаде Ивановска.
СОНК останува партнер на Министерството за образование и наука со кого заеднички ќе се носат одлуки и ќе се изнаоѓаат решенија за сите предизвици. Наша цел е просветните работници со подолга кариера да продолжат да напредуваат, да се чувствуваат вреднувани и почитувани, а младите наставници да останат мотивирани и да продолжат да работат со истиот ентузијазам со кој ја одбрале благородната професија да ги учат децата и младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стража, Ѓавато, Маврово и Плетвар покриени со магла, возете внимателно
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските превои Стража 80 м Ѓавато 100 м, Маврово 80 м, и Плетвар 80 м, соопшти ЈП Македонијапат.
Сите патни правци во државата се проодни. На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.
ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Македонија
Денес ќе се одбележи светскиот ден на дијабетесот
Под мотото „Благостојбата кај лицата со Дијабетес – создаваме дијабетес култура“ како носечка порака на Меѓународната Дијабетес Федерација, денеска Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДСМ) ќе го одбележи Светскиот ден на дијабетесот.
Согласно нашата мисија, како што соопштија од СЗДСМ, како мрежна организација на локалните здруженија на лицата со дијабетес, која се застапува за здравствени политики усогласени со ЕУ стандардите и користење на најнови иновативни технолошки достигнувања и терапија за третман на лицата со дијабетес, како и создавање на поттикнувачка дијабетес култура, од овој концепт очекуваат да се дефинираат активности кои ќе иницираат соработка со јавните здравствени институции на партнерско ниво, соработка со здравствените власти на национално и локално ниво, соработка со образовните установи и приватниот сектор, како и нивно меѓусебно вмрежување.
На свечената церемонија, најавено е, да се презентираат клучните активности кои ги реализиравме за имплеменатција на Националната програма за дијабетес, а се очекува да бидат потпишани Меморандуми за соработка со здруженијата на кардиолози, нефролози, општи и семејлни лекари на Македонија.
Ова одбележување ќе биде заокружено со промоција на ново издание на книгата со наслов „Да се храниме и готвиме здраво“ комплетен водич со практични совети и рецепти за здрава исхрана, од м-р по нутриоцинизам науки Везире Старова.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди и студено утро
Денеска претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали и до крајот на денот времето ќе биде ведро. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Од УХМР информираа дека до вторник времето ќе биде стабилно со студени утра. По одделни котлини ќе има појава на магла и пониски дневни температури. Нов влажен бран се очекува во среда кон крајот на денот.