Македонија
МОН најави реформа на учебниците по честите реакции за грешки и стереотипи во нив

Министерството за образование и наука формира работна група која развива концепт за целосна и суштинска промена на учебниците за основно и средно образование.
Од Министерството велат дека потребата од воведување целосно нов систем за изработка на наставни материјали е резултат на постојаните реакции од јавноста, родителите/старателите, учениците, но и самите наставници за квалитетот на учебниците, долгите постапки за нивно одобрување, како и честите повлекувања учебници поради стереотипи, предрасуди, грешки и недоследности.
МОН наведува дека реформата на учебниците ќе се прави во широка консултација, истовремено со реформите за основно образование, а планот е да се воведе од следната учебна година.
Работната група е составена од претставници од Министерството за образование и наука, Педагошката служба, Бирото за развој на образованието, како и претставници од меѓународни институции и граѓанскиот сектор.
„Групата веќе работи на анализа на најдобрите искуства и практики од неколку европски, скандинавски и земји од регионот, врз основа на која ќе се изготви целосно нов систем за унапредување на квалитетот на наставата, кој подразбира не само употреба на учебници туку и изработка и употреба на разни видови наставни и дидактички материјали за наставниците и учениците“, соопштија од МОН.
Од таму велат дека голем број земји во светот веќе го имаат надминато системот на класична употреба на учебник поради што учениците своето знаење го стекнуваат преку разни извори на информации и разновидни дигитални алатки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Акција во мотел во Тетово: Приведено лице за проституција, повреден е полицаец

Полициски службеници од СВР Тетово спречија трагичен крај на млада девојка и истовремено приведеа маж под сомнение за посредување во проституција.
Интервенцијата се случила околу 14:35 часот, по пријава од лице со иницијали Л.К., кое пријавило недоразбирање со женско лице кое не сакало да го напушти мотелот. Кога полицијата пристигнала на терен, било утврдено дека девојката стоела на работ од прозорецот во собата, заканувајќи се дека ќе скокне или ќе се повреди.
По наредба на јавен обвинител, полицајците ја отвориле вратата со сила и успеале да ја спречат девојката во нејзината намера. Таа веднаш била пренесена во Клиничката болница во Тетово за лекарска помош.
Во акцијата, еден полициски службеник се здобил со полесни повреди.
Полицијата во меѓувреме го лишила од слобода Л.К. под сомнение за посредување во проституција. По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци.
Македонија
Ангелов ги замоли газдите на викендички да се заштитат од пожари: Со мотокултиватор или трактор нека изораат мек појас околу дворовите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, апелира сопствениците на викендички и куќи надвор од градските средини да преземат мерки за заштита од пожари.
„Ги замолуваме сите граѓани кои имаат викендички или куќи, реновирани куќи во напуштени или запоставени села, но и оние кои живеат во последните куќи во населбите и селата вклучително и оние околу градот Скопје, да ги исчистат своите дворови од вегетација. Нека изораат со мотокултиватор или трактор или веќе ако имаат трева таа нека биде одржувана и зелена, што е прилично тешко во месец јули во Македонија. Исто така и од надворешна страна на дворот нека изораат, нека има по неколку метри мек појас кој нема вегетација бидејќи од она што можеме досега да го видиме постои опасност никој да не биде поштеден од соочување со огнот“, рече директорот Ангелов и нагласи дека бројот на пожари што го имаме е навистина висок.
Во последното деноноќие се регистрирани вкупно 40 пожари. Од нив 33 се изгаснати, два се ставени под контрола, а пет се активни.
Македонија
Околу 500 невработени се пријавиле да гаснат пожари за 24.000 денари месечно, огласот истекува денес

Денес истекува огласот за владината мерка за справување со пожарите на кој се бараат 400 невработени за помош при гаснењето на пожарите низ земјава за 24.000 денари месечно. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, вели дека во Скопје има малкумина пријавени.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територијата на државата. Нам ни беа потребни 400, за жал бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80. Денес истекува огласот, овие лица во наредните два-три дена ќе бидат контактирани, ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици. Некои до нив, особено оние во Дирекцијата за заштита и спасување ќе почнат со најмалку дводневна обука, период во кој е се изврши селекција на оние кои ќе можат да продолжат понатаму да се развиваат во насока на пожарникари“, вели директорот Ангелов.
Оние кои ќе се покажат како најдобри ќе добијат можност да бидат вработени во локалните противпожарни единици, а најдобрите меѓу најдобрите, пак, ќе можат да бидат дел од новата специјална единица на ДЗС. Директорот Ангелов вели дека по вработувањето, оние невработени кои ќе се покажат како најдобри меѓу најдобрите, ќе земаат поголеми плати и од пожарникарите.
„Специјалната единица ќе има повисока плата и од пожарникарите, затоа ќе бидат во помал број, но ќе бидат користени секаде онаму каде што е најтешко вклучително и на тешко пристапни терени каде што обичен човек или просечен пожарникар не би можел да се движи. Затоа што еден од приоритетите е да имаме луѓе кои се физички многу подготвени и можат да се пробијат секаде. Зборуваме за единица во која сите би биле помлади и физички поспремни за да можат да одговорат на најсложени задачи“, рече директорот Ангелов.
Сегашниот ангажман за 24.000 денари според него е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекцијата и да се изберат оние кои ќе бидат вработени во противпожарните единици во кои платите се над 40 илјади денари.