Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата
Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре облачно време со локални врнежи од дожд, на планините снег
Времето утре ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи ќе има во западните и јужните делови. На повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд и слаб јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Под влијание на циклонска активност од денес во вечерните часови, до крајот на неделата, следува период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во западните и јужните делови.
На некои од повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни.
Македонија
Утре без вода поголем дел од Гази Баба поради дефект
Утре, 3 декември, без вода и со намален притисок ќе останат корисниците од поголем дел од Гази Баба.
„Ве известуваме дека поради итен водоводен дефект на водоводна линија Ф700мм на бул.Александар Македонски, ЈП Водовод и канализација Скопје ќе превземе одреден технички зафат кој ќе се одвива на ден 03.12.2025 година (среда)“, информира Центарот за управување со кризи.
Прекин на водоснабдување од 7:30 часот до санација на дефeктот, ќе имаат следните улици и населени места:
– Бул. Александар Македоски
– Ул. 808 (дел од улица)
– Бул. Киро Глигоров (дел од булевар)
– Населба Автокоманда со намален притисок во ниска зона
– Триангла со намален притисок
– Населба Хиподром со намален притисок
– Ул. Перо Наков кај Кванташки со намален притисок
– Населба М.А.Ченто прекин на водоснабдување
– Ул. Маџари прекин на водоснабдување
– Ул. Палмиро Тољати прекин на водоснабдување
– С.Сингелиќ прекин на водоснабдување
Македонија
Финансиска поддршка од 12.000 денари за новороденчињата од општина Кисела Вода
Ваучери во вредност од 12.000 денари за новороденчињата денес додели Општина Кисела Вода на настан посветен на најмладите жители и нивните семејства. Мерката претставува финансиска поддршка за родителите во првите месеци по раѓањето на детето.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, порача дека грижата за децата и семејствата започнува уште од првиот ден. Додаде дека финансиски средства се исплатени и за останатите новороденчиња од претходните месеци, за кои исплатата беше оневозможена поради изборниот процес.
„Сакам да ги информирам и сите родители со новороденчиња кои аплицирале во изминатите месеци, а за кои, поради изборниот процес не беше можна исплатата, дека средствата ќе ги имаат на нивните сметки во текот на утрешниот ден“, истакна Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите нови родители слободно да аплицираат за оваа мерка.
Право на апликација имаат семејствата чии новороденчиња не се постари од 90 дена, а целосната потребна документација која е сосема едноставна, е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода.

