Македонија
„Морален пораз за Тошковски и ДПМНЕ е советничка да поднесе оставка, а тој не“, велат од СДСМ

„Морален пораз за Тошковски и ДПМНЕ е советничка во Советот на општина Кочани од оваа партија да поднесе оставка од морални причини а тој не. По најголемата трагедија во државата којашто се случи во Кочани требаше да има морална одговорност на оној кој бил на чело на институцијата којашто била задолжена за безбедноста, а тоа е Министерството за внатрешни работи“, велат од СДСМ.
„Кривичната одговорност е нешто што треба да го утврди истрагата, за сите инволвирани. Но, за вакви трагедии мора да има чувство и за морална одговорност.
Јавноста сведочи и на селективност во досегашниот тек на истргата. Се уште не се бара никаква одговорност од оние кои кобната вечер биле на функции и директно одговорни за превенцијата, безбедноста и соодветната реакција а се под надлежност на МВР.
Вечерта на трагедијата, постоеле одговорни раководители во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ кои биле на позиција. Имало полицајци на лице место – виделе што се случува, имале увид во состојбата, знаеле дека има малолетници, пиротехника но не презеле ништо. И денес, никој од нив не е опфатен со истрагата.
Дури и дозволата за употреба на пиротехнички средства – директна причина за пожарот – паѓа под надлежност на МВР. А од МВР, ниту еден актуелен функционер не е осомничен.
Зошто нема одговорност за дежурните полициски службеници, раководители и функционери? Зошто се гонат лица кои воопшто не биле надлежни во моментот на трагедијата, а не оние што требале да реагираат и спасат животи? Дали ова не е понижување на правдата и селективна заштита на функционери блиски до Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ?“, прашува СДСМ преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„СДС да престане да ја понижува државата“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„Одењето со глава во ѕид од страна на СДС, веќе можеме да го приметиме по коментарите од бугарските власти дека уставните измени не се последно нивно барање. Иако секојдневно, од СДС како да не пратат вести и коментари од Бугарија, продолжуваат со нивниот безобразен ПР каде што велат дека со спроведување на уставните измени, влегуваме во ЕУ, а знаеме дека не е воопшто така“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за надворешни работи на Бугарија, излезе и кажа дека уставните измени не се последното нивно барање, туку дека ќе има и други.
Знаејќи го ова СДС, ги бранат бугарските позиции кои се од најголема штетност врз македонскиот народ, само за да им се допаднат на Бугарите.
Во немањето решение и излез од ситуацијата, СДС само се понижуваше себеси и Македонија како држава. Велеа дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик, бугарски.
Затоа, граѓаните ги казнија и јасно им порачаа дека не треба тие да им ја водат државата во бездна. ВМРО-ДПМНЕ гордо и достоинствено ја претставува Македонија на меѓународно поле!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Опожарена површина од околу седум хектари со трска во Охрид

Вчера попладне во 17.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека во месноста „Трно“ во близина на улицата „Прилепска“ во Охрид била опожарена површина од околу седум хектари со трска.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.