Македонија
Мојсова-Чепишевска: Македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука
„Каква иронија на историјата, народот чии предци им го дале на Словените првиот литературен јазик, беа последни на кои им се призна јазикот како посебен словенски јазик, различен од соседните“. Ова го има забележано еден од најистакнатите странски слависти и македонисти на XX век, Реџиналд де Бреј. Ама заради идејата која довела до организација на оваа Конференција пред пет децении, а на која сме доследни и денес, историјата доби поинаков тек. Преку оваа Конференција непрекинато се покажува дека иако заради општествено-политичките околности, кодификацијата на нашиот, македонски литературен јазик се случи подоцна отколку на некои други словенски јазици, се успеа – научните заклучоци и вистини за македонистиката да го добијат своето место во славистичкиот свет и воопшто во науката. Славистиката денес е незамислива без македонистиката! Македонскиот јазик, литература и култура се факт и предизвик за светската наука.
Ова го истакна директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ Весна Мојсова-Чепишевска, на отворањето на 50. Меѓународна научна конференција.
Директорката потсети и на една од пораките на Мисирков, од 1914 година: „Македонија ќе биде самостојна и обединета земја. За тоа гарантираме ние, Македонците. Нас лошо не знаеја и лошо не знаат, но ние ќе се добереме до триумфот на нашето справедливо дело, до толку повеќе што тоа не е во спротивност со ничии интереси“.
„Денес, кога тогашна убеденост на Мисирков, на извесен начин веќе е потврдена, и кога за нашата земја, за нашиот јазик, литература и култура добро знае сета славистика и филологија, не само ние, туку и странските македонисти, балканисти и слависти гарантираат за присуството на македонистичките научни вистини во светот. И тоа и со трудовите што во децениите наназад биле презентирани на оваа Конференција, ама и со трудовите што се дел од обемната програма на ова јубилејно, 50. нејзино издание“, нагласи Мојсова-Чепишевска.
Потврда дека е така како што посочи, ќе биде и обемната библиографија во која ќе бидат претставени сите научни трудови од овие 50 години Меѓународна научна конференција, на која се работи во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“.
На отворањето на Конференцијата, директорката на МСМЈЛК при УКИМ потсети и на стихови на Шопов: „Таа агонична бучава, тој продорен крик на светот / измешан од најчиста вселенска светлина, / од мака и радост на породилно раѓање и агонија / се шири и искачува на вишини до недоглед, / и од тие вишини го гледа својот иден свет, / а во него и Mакедонија.“
„Ако во овој период на динамични случувања во светот, Ацо Шопов преку поетска слика требаше да ја претстави сегашноста, најверојатно тоа повторно ќе го направеше со овие стихови. Ама и среде таа агонична бучава, денес, светот ја гледа таа, Мисиркова и Шопова Македонија, и преку она што произлегувало и произлегува од оваа Научна конференција – од овие вишини крај Охридското Езеро. Денес, и ние, и славистиката и филологијата воопшто, токму од овде, од овие вишини го гледаме светот“, порача Мојсова-Чепишевска.
Конференцијата ќе трае до 3 септември, со околу 70 пријавени учесници кои своите нови научни согледби од областа на македонистиката ќе ги презентираат на одделни сесии за јазик и за литература и култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беровец на нива нашол рачна бомба и ја ставил во својот автомобил
Триесет и осумгодишен маж од селото Двориште, беровско, извршувајќи земјоделски работи на сопствениот имот, пред два дена пронашол неексплодирана рачна бомба.
Како што соопшти МВР, мажот ја зел бомбата со себе и ја оставил во неговото патничко возило „фолксваген голф“.
Следниот ден, полициските службеници од ОВР Берово излегле на местото и ја пронашле рачната бомба во возилото.
За настанот бил известен јавен обвинител и Дирекцијата за штита и спасување кои ја подигнале за понатамошна постапка.
Центарот за управување со кризи во неколку наврати има апелирано до граѓаните кога ќе се најдат неексплодирани средства од минатите војни, да не ги фаќаат и поместуваат, туку веднаш да се пријават на 112 во ЦУК.
Македонија
СДСМ: Наместо 12 отсто наставниците добиваат само 5 проценти зголемување на платите
Најавата на владата на Мицкоски за минимално зголемување на платите на наставниците од само 5 отсто наместо планираните 12 проценти е срамно и претставува обид за амортизација на незадоволството коешто постои, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение.
СДСМ смета дека Владата ги потценува наставниците и нивниот труд, а на наставниците и просветните работници не им требаат утешителни награди туку реален раст на платите.
„Наставниците заслужуваат поголема почит и поддршка за нивниот труд и напор во воспитувањето на идните генерации, а не минимални, козметички зголемувања на плати кои не одговараат на реалните потреби. Во предизборната кампања, Мицкоски и неговите соработници ветуваа значајно подобрување на животниот стандард на наставниците, но сега, кога се на власт, ги заборавија своите ветувања и се фрлија на манипулација. Манипулацијата очигледно е со цел да се спречи најавуваниот штрајк во образованието а не да им се излезе во пресрет на наставниците“, велат од СДСМ.
Опозициската партија додава дека пари има во буџетот а наставниците и просветните работници заслужуваат реално и вистинско зголемување на платите кое треба да биде 12 отсто.
Македонија
Вреди: Али Ахмети и ДУИ леат крокодилски солзи поради губењето на власта
Колку повеќе завива Демократската унија за интеграција, толку повеќе се разобличуваат нивните лаги и манипулации, и толку подлабоко паѓаат во стапиците што самите ги поставиле за да ги закопаат своите политички противници, реагира коалицијата Вреди, Влен.
„Аргументот на Али Ахмети за легитимитет е разобличен со фактот дека барем тројца од пратениците на „Европскиот фронт“ не зборуваат албански, и на албанската јавност ѝ се обраќаат на македонски јазик! Во оваа група се поранешниот претседател на Уставниот суд Сали Мурат, милионерот и пратеник Исмаил Јахоски, познат како Пуцко Петрол, и пратеникот Бејџан Иљас. Второ, Али Ахмети одамна го загуби ексклузивното право да зборува во име на Охридскиот договор.
Бидејќи долго време е на власт и за да ја зачува својата фотелја, Ахмети направи стотици отстапки и извитоперувања на основните дефиниции на Охридскиот договор. За време на неговиот 22-годишен мандат, официјализацијата на албанскиот јазик стана предмет на пазарење, децентрализацијата на власта деградираше во банално прашање, додека вниманието се посвети само на збогатувањето на неговите вечни функционери.
Трето, Али Ахмети веќе нема морален кредибилитет да зборува за статусот на поранешните борци на Ослободителната народна армија (ОНА). За жал, за време на сите мандати на Ахмети беа затворани и убивани поранешни борци на ОНА.
Неговиот заменик Арбер Адеми беше фатен на дело! Јавноста виде во оптужницата што Арбер ја поднесе против државата поради „бегството од домашен притвор“ на Блерим Рамадани. Покрај тоа, сите влади на Али Ахмети досега редовно доделуваа финансиски средства за социјална поддршка на бранителите. Но, ниту една влада на Али Ахмети досега не го решила статусот на поранешните борци на ОНА.
Четврто, Али Ахмети го вложи својот кредибилитет и моќта на неговата партија за, преку контрола на судството, да го спаси Никола Груевски од затвор. Фактот дека Сашо Мијалков денес е слободен граѓанин, а сите негови казни застареа затоа што ДУИ заедно со Кренар Лога го сменија Кривичниот законик, не бара дополнителен аргумент дека Али Ахмети бил животно заинтересиран и работел на спасување на Груевски и негово враќање како херој од Будимпешта.
Петто, Али Ахмети имаше 22 години време, шест владини мандати, министер за надворешни работи и ПРЕМИЕР за да ги реши отворените прашања со соседите и да ја направи Северна Македонија членка на Европската Унија. Али Ахмети не успеа. Сега е време Али Ахмети да биде опозиција. А приоритетите и политиките на државата, како и нејзините стратешки ориентации, ги определува владата“, велат од Влен.